Европратеникот Ангел Џамбаски ја обвини Македонија дека не го почитува договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, јавува БНР.

Одамна требаше да бидат спроведени редица мерки, како на пример, требаше да заврши користењето на јазикот на омраза, требаше да бидат издадени учебници на бугарски јазик и не требаше да има антибугарско расположение. Од тоа се уште ништо не се случи. Тоа го вознемирува бугарското општество. Г-динот Заев се забавува, секому се му ветува, но не ги исполнува преземените обврски. И тоа нема да доведе до добар ефект и до добар краен резултат. Нашиот повик до г-динот Заев е да го почитува тој договор ако сака да продолжи да ја добива нашата поддршка и како европски претставници и на бугарското општество во целина, изјави тој.

Европратеникот од Европската народна партија, Андреј Ковачев, исто така изрази разочарување од говорот на омраза против Бугарија во некои македонски медиуми. За време на дискусијата за напредокот на западниот сосед на патот кон кон нејзино членство во ЕУ, тој изјави:

Македонија секогаш била нераскинлив дел од Европа, како и дел од бугарското наследство. Сите историски спорови треба да бидат решени по пат на добрососедство, толерантност и историска правда. Во врска со тоа, не можам да го прикријам моето разочарување од континуираните антибугарски текстови во некои македонски медиуми. Симболични треба да бидат не само физичките граници, нашата заедничка иднина, за што работат владите и на Бугарија и на Македонија, туку и духовните граници, што беа изградени од тоталитарните режими, говорот на омраза и сето тоа треба да биде надминато на патот на европската интеграција.

Двајцата европратеници, едниот од ВМРО, а другиот од ГЕРБ, и припаѓаат на владејачката коалиција на Бугарија.

Индикативно е што обвинувањата доаѓаат токму на денот кога почнува третата средба на заедничката, мешовита комисија за историјата и учебниците и два дена по посетата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Софија, при што неговиот бугарски колега Младен Маринов, односите меѓу двете држави ги оцени како одлични, и на политичко и на професионално ниво.