Се игра голема геополитичка игра околу Македонија меѓу Западот и Русија, констатира во уреднички коментар „Вашингтон пост“. Притоа весникот истакнува дека Русија не се откажала од Македонија и оти прави се што е можно за да го поткопа договорот од Преспа.
Коментарот оди со наслов „Македонија е мала земја со огромен руски проблем“ и во него се потсетува дека земјата во изминатите денови ја посетиле многу странски државници, притоа потсетувајќи дека еден од нив бил и американскиот државен секретар за одбраната, Џејмс Матис. За разлика од јавните говори на западните лидери, нагласува „Пост“, Русија дејствува зад превезот на тајноста со цел да го блокира проширувањето на НАТО.
Според весникот, „Русија ги преплавила социјалните медиуми со лажни вести и финансиски помага локални екстремисти“ кои организираат протести.
„Нема дилеми дека (Русите) префрлаат пари и исто така спроведуваат широка кампања за да влијаат“, пишува весникот.
Во коментарот се повикува на напис во „Њујорк тајмс“ каде се цитираат западни дипломати кои тврдат дека десетици нови страници се појавуваат дневно на Фејсбук кои повикуваат на бојкот на референдумот или на палење на гласачките ливчиња.
Comments are closed for this post.