Во австрискиот град Тулн вчера попладне Македонец на еден паркинг ја заклал со нож својата 32-годишна сопруга. Според австрискиот портал нун.ат и двајцата биле Македонци.

Осомничениот 36-годишен сопруг, како што објави порталот, исто така е земен и како сведок на грозоморното убиство.

Жената починала на самото место од сериозните повреди, изјави полицискиот портпарол Хајнц Холуб.

Крвавата сцена се случила на паркингот пред една продавница за храна, најверојатно околу 14.30 часот. Според засега непотврдени информации сопружниците имале расправија на паркингот. Потоа сопругот со нож ја прободел сопругата во пределот на вратот, по што таа починала на самото место. Најверојатно мажот ја убил сопругата со кујнски нож кој бил пронајден на местото на злосторството

Целиот настан се одвивал пред нивните две малолетни деца – едното 6, а другото 10 години, кои полицијата веднаш ги тргнала подалеку од местото. Полицијата не соопшти повеќе детаљи за овој грозоморен настан, ниту, пак, ги објави иницијалите на жртвата и на убиецот.

„Ди пресе“ пишувајќи за ова убиство, потсетува дека ова е веќе петта жена-жртва која е убиена од почетокот на новата година во Австрија.

Откако на 13 јануари во еден виенски парк беше откриено телотто на едно 16-годишно девојче, кое починало од задушување, австриската влада донесе посебни мерки за заштита на жените-жртви на насилство.