Апсолутно не станува збор за добивање на политички поени, особено не во вакво осетливо време и во вакви осетливи моменти кога гледате дека и Здружението на новинари, и независниот синдикат на полицијата се снаоѓаат за вакцинирање и се вакцинираат во странство. Во рамките на државата имаме национален оперативен план за вакцинација, ако во контекст на сето ова земеме дека и ЕК зборува за вакцинални пасоши, кај нас вакцините се броени и сметам дека за да се стави крај на ваквите шпекулации и истите податоци за тоа кој е вакциниран треба да бидат декласифицирани односно достапни на јавноста. Ако веќе и самата ЕК смета дека овие податоци за тоа кој е вакциниран, а кој не да бидат внесени во патни исправи, кои што ќе се користат јавно, сметаме дека е контрапродуктивно во вакви моменти да се дозволува да излегуваат вакви шпекулации односно било кој да си дозволи да го злоупотребува или да не го почитува националниот оперативен план за вакцинација“, истакна Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во „Утрински Брифинг“.

Лефков додаде дека ВМРО-ДПМНЕ побара преку собраниската комисија за здравство да се декласифицираат податоците на вакцинирани граѓани.

Постојат информации дека функционери политичари од власта и бизнисмени се вакцинирани, нагласи Лефков.

Лефков посочи дека со декласификација на податоците кој е вакциниран ќе се стави крај на шпекулациите, односно на тој начин ќе се постигне почитување на националниот оперативен план за вакцинирање.