Горан Милевски си ја третира партијата како гранапче, затоа молчи за криминалот на СДСМ и ДУИ, се истакнува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

– Дури и членови на ЛДП преку медиумите обвинуваат дека Милевски откако е министер си ја вработил сопругата на Клиника, додека баџанакот го поставил за директор во Државна Лотарија. Милевски има вработено свој братучед во Државната видео лотарија, а кумашинот во Идризово, додека кумашинката си ја вработил во министерството за локална самоуправа, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија прашува дали Милевски преку ЛДП ја поддржува мафијашката влада на СДСМ – ДУИ, за да си ги вработува роднините во администрација?

– Владата на СДСМ и ДУИ опстојува само затоа што Горан Милевски издејствувал министерско место за себе и вработување во државни институции на свои најблиски роднини. Горан Милевски ја држи партијата во заложништво и за свој личен и семеен интерес ја поддржува криминалната коалиција СДСМ – ДУИ заради кои сме на 111 место на листата на Транспаренси, заради кои за партизираност и не ефективна администрација не обвинува и Стејт Департментот. Дали пратениците од ЛДП ќе смогнат сили и ќе му кажат не на Милевски и неговиот непотизам, заради кој владее мафијата на СДСМ и ДУИ?- прашуваат од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението, е спремна на избори без техничка влада и една изборна единица, што е главно барање на помалите партии помеѓу кои и ЛДП, еве условите ќе бидат исполнети.

– Нека смогнат сили пратениците на ЛДП, да изгласаме промени во изборниот законик за една изборна единица, а потоа да одиме на брзи предвремени избори, или ќе останат да му слугуваат на Милевски и неговите роднини, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.