Средба на коалициските партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот за БГНЕС, е еден од заклучоците на Извршниот одбор на Либерално демократската партија кој на синоќешната седница расправал за актуелната состојба во земјата по блокадата од страна на бугарската Влада, за одобрување на преговарачката рамка за пристап на РС Македонија во ЕУ.

За ЛДП, како што објавија од партијата, членството на РС Македонија во ЕУ останува врвен национален приоритет, врз основа на критериумите од Копенхаген, притоа почитувајќи ја реалноста за македонскиот идентитет и национална посебност, втемелени во двата Илиндени од 1903 и 1944, како и референдумот за незавиност од 1991 година.

Извршниот одбор на ЛДП на состанокот усвоил неколку заклучоци:

1. ЛДП бара средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот за БГНЕС;

2. ЛДП се залага за решавање на сите отворени прашања преку отворен дијалог, врз основа на взаемно почитување, споделени вредности и презентација на потврдени факти;

3. ЛДП инсистира на доследно почитување на ратификуваните меѓународни договори кои ги обврзуваат договорните страни, потсетувајќи дека сите постојни договори го потврдуваат несомненото постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура;

4. ЛДП го осудува говорот на омраза, особено неприфатливиот говор кој го негира самоиндентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вкучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација;

5. ЛДП ги поттикнува историчарите во поставените меѓудржавни комисии, но и генерално во регинот, на интензивна соработка во утврдувањето на неоспорните историски факти и за нивно преточување во заеднички историски наративи, следејќи го франко-германското искуство кои ќе водат кон приближување на народите, наместо да предизвикуваат чувства на пониженост и подреденост;

6. ЛДП ќе продолжи да се залага со сите политички и законски средства за зацврстување на македонскиот културен, јазичен, национален и историски идентитет во земјата и во странство, истовремено грижејќи се за промоција на сите културни, јазични и етнички различности во нашата земја;

7. ЛДП нема да ги коментира изјавите на дел од бугарските политичари до завршувањето на изборите, бидејќи нема намера да им помага во градењето на нивниот рејтинг заснован на шовинистичка и националистичка реторика.

Во објавата се додава дека ЛДП ги повикува партнерите во ЕУ да ги изолираат овие националистички политики, а пријателите и државјаните на Бугарија на следните избори со својот глас масовно да ги поразат овие политичари.

Извршниот одбор на ЛДП исто така изразил големо задоволство за недвосмислената јавна поддршка од страна на евролибералите, како и на сестринската партија ДПС од Бугарија.