Народот осиромашува, а Зоран Заев го зголемува бројот на функционери кои се богатат на грбот на обичните работници и административци. Со пари на граѓаните Заев и СДСМ ја исплаќа лакомоста на партиските послушници, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Лилјана Кузмановска денеска реагираше дека  СДСМ по скратена постапка турка закон за измена и дополнување на Законот за јавните претпријатија со кој што во Јавните претпријатија во цела држава се воведува нова функција- заменик на директор.

СДСМ по скратена постапка отвора врата за дополнителна партизација и непотизам, за оптоварување на буџетот со стотици и стотици нови функционери. Работата на заменик на директорот би била тој да го заменува директорот, кога овој ќе биде отсутен. Според актуелното законско решение, во време на отсуство на директорот на ЈП се определува вработен во ЈП кој го заменува и го води тековното работење на Јавното претпријатие. СДСМ предлага воведување заменик на директор кој би бил избран и разрешен од Управен одбор под исти услови регулирани во законот кои што важат за директор, вели Кузмановска.

Зачестеното носење на законски решенија по скратена постапка- надвор од вообичаената процедура и прескокнување на дебатата, е погубно за демократијата, потенцираше Кузмановска.

Таква беше оценката од таборот на актуелното мнозинство, додека беше опозиција – дека не е демократија носењето на Закони по скратена постапка. Скратената постапка во овој случај значи набрзина  протнување на решение за кое и власта знае дека е штетно и контрапродуктивно на реформите кои насушно и се потребни на државата, вели Кузмановска.