Поради високите наноси од снег, затворот во село Кшање, Кумановско, не фунционира редовно, соопшти денеска директорот на казнено-поправната установа, Марјан Спасовски. Наносите од снег на приодот кој води до затворот на одредени места изнесуваат и два метри.

Дополнителен проблем е и тоа што, како што информира директорот, од вчера поради дефект, установата е без струја и се користат агрегати. Во дефект е и телефонската линија. Проблем претставува и дистрибуцијата на храна бидејќи економските оператори се оневозможени да ја достават.

Попладневно, по барање на одговорните од затворот, општина Куманово испратила возило за расчистување на патот, но тоа не успеало да го расчисти поради преголемото количество снег.

Поради конфигурацијата на теренот, на патот кој води до затворот има наноси кои воопшто не можат да се исчистат. Се надеваме дека во текот на утрешниот ден, проблемите ќе се надминат – вели директорот Спасовски.