Министерството за труд и социјална политика денеска до Основното јавно обвинителство достави кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето придонеси за дел од идните пензионери.

Според соопштението, темелните истражувања на пензискиот систем за првпат по 12 години откри дека кај 12. 000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12. 000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година.

Министерството, се вели натаму во соопштението, им ги враќа парите на граѓаните. За таа намена на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од од Буџетот на РМ. Овие средства ќе бидат распределени на оштетените осигуреници, односно на секој по околу 400.000 денари.

Оценка на Министерството е дека лошите и неодговорни политики на претходната власт довеле до покачување на дефицитот на ПИОМ од 15 милијарди денари. Со цел да се намали овој дефицит, Министерството изготви пакет мерки, што стапија во сила од 1 јануари 2019 година. Преку нив се менува структурата на двостолбниот пензиски систем. Целта на Министерството е да обезбеди стабилна исплата и континуиран раст на пензиите, и тоа без зголемување на старосната граница или замрзнување на пензиите.