На ниво на односи помеѓу две страни потребна е деескалација од двете страни и добро е што изјавата која што доаѓа од официјална Софија е дека тие сакаат деескалација, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
За тоа дали има официјално најавена делегација од Бугарија за роденденот на Гоце Делчев, Ковачевски рече дека во моментов нема најава за официјална најава, но дека се уште има време до 4 февруари.
Во изјава за медиумите по завршувањето на првиот панел од конференцијата „Година на нови можности“, Ковачевски истакна дека провокации на поединци, кои имаат име и презиме и коишто се санкционирани согласно законите во нашата држава не можат да бидат основа и не можат да претставуваат основ да се смета дека цела наша држава или нашите институции имаат таков однос.
– Ние сме држава која на највисоко ниво го има издигнато остварувањето на правата на граѓани коишто се самоопределуваат на друг начин од Македонците, коишто сме најбројни во државата. За тоа имаме институции, за тоа имаме уставно уредување, за тоа имаме низа на закони какви што закони нема ниту една земја во Европа. Тоа е нешто на што можеме да бидеме горди, изјави Ковачевски.
Од друга страна, посочи Ковачевски, Бугарија се наоѓа во избори и постојат политичари коишто со национализам и со популизам сакаат да остварат политички профит, односно да добијат глас повеќе за наредните избори во Бугарија, тоа слично се случува и кај нас кога сме во избори, меѓутоа тие не може да бидат основата за градење на односи помеѓу двете држави.
– Во таа насока јас имав разговор со премиерот на Бугарија кое што беше објавено преку соопштение од мојот Кабинет и преку соопштение од неговиот Кабинет, а министерот за внатрешни работи и директорот на нивната државна безбедност се во Скопје денеска, каде што разговараат со нивните колеги и со министерот Спасовски и со директорот на АНБ Милошевски. Ние мораме да знаеме дека ние сме две земји членки на НАТО и кога разговараме за државните безбедности тие се партнерски служби. Кога разговараме за МВР тие се партнерски министерства, бидејќи се две министерства коишто се дел од НАТО-системот и две служби коишто се дел од НАТО-системот нормално дека тие информации коишто се за споделување, согласно нивните процедури ќе ги спроведат и уште како што јас му кажав на премиерот на Бугарија ќе биде потенцирано и од наша страна дека ние како држава ќе направиме се 4 февруари да биде одбележан на достоинствен начин без можност за какви било провокации и граѓаните да можат да бидат мирни, достоинствено да го чествуваат роденденот на херојот и на великанот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, изјави Ковачевски.
Во однос на тензиите, Ковачевски, рече дека се предизвикани од поединци и од групи коишто се против европскиот пат на Македонија и коишто се против интеграција на регионот во ЕУ.
– На официјалните институции и на Македонија и на Бугарија, меѓутоа и на другите земји од регионот е да работат на спроведувањето на европската агенда, а ние како Влада сме посветени и јас уште од првиот ден кога станав премиер кажав дека ние на база на европски вредности секогаш ќе разговараме со нашите соседи ценејќи го нашето достоинство и штитејќи ги нашите национални интереси. Во таа насока се и заклучоците коишто ги донесе нашето Собрание при изгласувањето на европскиот предлог каде што и оваа Влада, меѓутоа и секоја наредна влада е обврзана од националните интереси коишто се на врвно ниво издигнати за нивна заштита да преговараат со ЕУ до полноправно членство на земјата во ЕУ, изјави Ковачевски.
Comments are closed for this post.