Лидерите на парламентарните политички партии на средба во Собранието се договорија првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај. Според пропишаните рокови изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.

Имајќи предвид дека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори би се случиле на 8 мај, согласно уставните и законските рокови, инаугурацијата на Претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, а конститутивната седница на Собранието 20 дена подоцна односно до 28 мај. Новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.

На вчерашната лидерска средба е постигнат и широк консензус за забелешките за Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Исто така, тема на разговор бил и статусот со процесот на скрининг за кој, како што потенцирал Ковачевски, се одвива успешно и според утврдената динамика.

-Уставните измени се единствениот предуслов за да се продолжи напред, а секое одлагање е неодговорна и опасна политичка одлука, изјави вчера по средбата премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Според премиерот, секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука.

-Овој став го споделив на лидерскиот состанок со напомена дека уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешна. Сега е време да се постапи правилно и да се донесат уставните измени, изјави Ковачевски.

Ковачевски на средбата информирал дека Извршниот комитет на СДСМ донел одлука за формирање Европски фронт и за започнување на постапка за избор на кандидат за претседател, согласно Статутот и согласно соодветните правилници во партијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека на лидерската средба е постигнат широк консензус за датумот за изборите, како и за Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. Во однос на уставните измени, тој е дециден дека сега нема услови за тоа од познати причини кажани во јавноста многу пати досега.

-За измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР постигнавме согласност и тие ќе влезат во собраниска процедура што значи дека тој ќе се менува иако не е испочитувано правилото шест месеци пред почеток на кампња за изборен процес да нема измени, имајќи ја предвид согласноста првиот круг од претседателските избори да се случи на 24 парил, а вториот круг претседателски избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај, што е донесено како заклучок. Кампањата би започлнала на 4 април, тоа значи сепак дека не го испочитувавме правилото да немаме интервенции пред почеток на кампања. Се надевам дека во иднина тоа нема да биде случај, изјави вчера по средбата Мицкоски.