Изборот на македонскиот народ заедно со сите други народи беше македонската држава да биде создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, без исклучок, држава на сите и за сите, како што е денеска ЕУ, напредна и прогресивна. Затоа имаме силни, големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа, да ја славиме победата над фашизмот и големата идеја за Европа, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на пригодната свеченост по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Тој истакна дека нашите граѓани од тоа време, припадниците на сите етнички заедници, ги дадоа своите животи затоа што избрале да застанат на страната на сојузничките антифашистички сили, кои решиле да се обединат и да им застанат на патот на фашистичките окупатори.
– Од денешен аспект од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се оствари и низ учеството на партизанските единици на антифашистичкиот сојуз. Тоа учество беше и останува вистинската страна на историјата, единствениот и вистински избор, истакна Ковачевски.
И денес, додаде тој, ние граѓаните на Македонија ја избравме Европа и Унијата затоа што се изградени на вредности во кои веруваме и ги практикуваме и ние.
– Оттаму, кога велиме дека ЕУ е избор на нашите граѓани, велиме дека тоа е и избор за економски посилна Европа, поправедна и побезбедна Европа која ни припаѓа на сите нас. Затоа сме горди и на овој избор ја избравме иднината на ЕУ и иднината што му припаѓа на секој европски граѓанин. С. Македонија секогаш ќе биде Европа. Тоа е нашиот избор за посигурна иднина за нашите млади и за идните генерации. Обединети во овој избор околу европските вредности може да се соочиме со предизвиците на нашето време, истакна македонскиот премиер.
Претседателот на Сојузот на борците, Никола Стојановски истакна дека со гордост може да ги истакнат придобивките што ги дале во антифашистичката борба како завет пред Илинденската епопеја во сојузништво со праведната и победничка коалиција.
– Нашата борба беше и останува дел од државотворни процеси што се стремат кон прогресивни, демократски, хумани цели во меѓународната заедница. Сојузот на борците како член на Светската федерација на ветераните, како и на Асамблејата на европските антифашисти, почитуван и прифатен од други напредни сили со легитимно право очекува и бара поддршка за негувањето на светлите традиции на вистинскиот пат што го плати и го плаќа нашата земја. Поклонувајќи се на жртвите и борците да и се поклониме на РС Македонија на нејзиниот влог во цивилизацијата и слободата. Верувајте, оваа земја никогаш нема да биде нешто друго. Таа е антифашистичка творба, истакна Стојановски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на свеченоста истакна дека ЕУ која ја славиме денес, е процес кој трае. Начелата на мирот врз кои е заснована таа, истакна Гир, се релевантни и порелевантни од кога било, но тоа е Унија на која и треба постојано обновување и Унија што е нецелосна затоа што ЕУ не е целосна без Западен Балкан како нејзин дел.
– Во стратешки интерес и на ЕУ и на регионот е процес на пристапување да напредува сега. Во пракса ова значи итно отворање на преговорите за членство со С. Македонија и Албанија. Паралелно земјата мора да продолжи да напредува во својот реформски пат за да биде целосно подготвена откако ќе ја преземе одговорноста за членството. Овие реформи започнуваат со зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупција и опипливи чекори за подобрување на животот на граѓаните. ЕУ и нејзините земји членки ќе бидат покрај вас да ве поддржуваат во сите овие реформски чекори заедно со нашите меѓународни партнери, истакна Гир.
Овој ден, Денот на Европа, потенцира евроамбасадорот, е ден на надеж и доверба, ден на кој со гордост се навраќаме на жртвите и на оние што беа пред нас, но, исто така, треба да го продолжиме нивниот аманет преку заедничка визија и преку цврста решителност дури и во овие најтешки времиња.
– Пред се, треба да се држиме за она што е важно Европа на мирот, Европа на вредностите, Европа на просперитет, соработка и иновации. Ова мора да биде нашата заедничка визија за заедничка иднина заедно. Ова е патот по кој ќе чекориме заедно, истакна евроамбасадорот Гир.
Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз смета дека секоја од нациите што денеска се тука имаат свој уникатен идентитет што потекнува од заедничкото искуство, заедничка историја за почит на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет и заедничката историја на штитење на слободата и правичната иднина за сите, заедничката историја на спротивставување на диктатурата и заедничката историја на обликување на нашата заедничка иднина.
– Венците што се положуваат тука го поврзуваат и обединуваат народот на С. Македонија со другите низ Европа кои денес положуваат цвеќе. Тоа се симболи на оние кои ги дадоа животите и симболи на нашата посветеност да ги одржиме принципите за кои се жртвувале, истакна Брнз.
Обединетоста, рече амбасадорката, е суштинската идеја што стои зад денот на победат врз фашизмот и Денот на Европа. Најсигурен пат за мир и стабилност, додаде амбасадорката, е оној кој обезбедува право на самоопределување и суверенитет за сите нации и затоа ќе бидеме обединети да се осигуриме дека ќе се случи.
Според неа, Македонија треба да стане дел од Европската унија што поскоро.
– Вашето членство ќе донесе поголема сигурност и безбедност и стабилност на Балканот и низ Европа, ќе ги зголеми нашите напори да го направиме светот побезбедно и потпорно место каде луѓето ќе можат да живеат достоинствено и слободно, истакна амбасадорката Брнз.
Ако ја завршиме оваа работа заедно со нашите партнери, додаде таа, нема предизвици кои нема да може да ги надминеме. Тоа, рече американската амбасадорка, е нашата историја и решени сме заеднички да ја направиме и наша иднина.
Comments are closed for this post.