Во врска со објавениот аудио материјал за разговорот на премирот Зоран Заев со двајца руски новинари кои лажно се претставија како Порошенко и Столтенберг, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара оставка од премиерот, а на тоа реагираше Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ.
„ Мицкоски е очигледно фрустриран поради тоа што премиерот Зоран Заев жестоко ги брани државните и националните интереси, членството во ЕУ и НАТО. И тоа го прави секаде, и во јавните настапи и во телефонските разговори“, рече Костадинов.
Портпаролот на социјалдемократите додаде дека оставка не поднесува оној којшто се бори државата да стане полноправна членка на НАТО, и да продолжат интеграциите во Европската унија.
„Заканите од хибридни напади, лажни вести и манипулации се само затоа што сме посветени и стануваме 30 земја членка на НАТО. Мицкоски треба да се засрами што им слугува на туѓите интереси, на они кои не сакаат нашата татковина да стане членка на НАТО и ЕУ“, порача Костадинов.
Во врска со барањето за предвремени избори, тој рече дека „Мицкоски исто вака лажно се силеше и пред претседателските избори, па доживеа пораз“.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги загубија претседателските избори, но ги загубија и локалните избори во Охрид и Ново Село. Антизападниот Мицкоски, кој нема ниту програма ниту понуда, може да се надева само на уште еден пораз.
Покрај сите лажни вести, манипулации, покрај деструктивноста на Мицкоски, успехот во нашите стратешки цели на државата и граѓаните не може да се запре.
Северна Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ“, рече Костадинов.
Comments are closed for this post.