Концептот на спогодбата како мерка за поефикасно судство во домашната пракса не е заживеана и не ги исполнува очекувањата за намалување на бројот на случаи кои завршуваат пред суд и користење на можноста за спогодба. Ова го порачаа учесниците на шестата сесија на Работната група 3 за Правосудство и основни права – Поглавје 23 од Националната конвенција за ЕУ во Македонија насловена “Спогодбата како мерка за поефикасно судство”.

Професорот Гордан Калајџиев, посочи дека воведувањето на идејата за спогодба во нашиот систем отворила голем број теми и контрадикторности.

– Со оглед на тоа што се случува. Апсолутно не сум сигурен дека на нашето обвинителство може да му се даде доверба во тајност да се спогодува, изјави Калајџиев.

Посочи дека нашиот закон иако на почеток експлицитно бара докази и нивно приложување, додека тие докази потоа само се за определување на висина на казна, а не и за прифаќање или докажување вина.

Професорот Бобан Мисоски, рече дека идејата се наметнала како нужност, штом се воведува рочиште по примерот на англосаксонскиот систем, кој подразбира и спогодба и пробација како механизми за олеснување на постапката. Тој додаде дека признанието, кај нас, е предуслов за спогодување и можно само на првото судско рочиште, зошто нема поента да се даде можност за прифаќање вина откако ќе биде соочен со сите докази.

Судијката Оља Ристова, посочи дека за враќање на довербата на граѓаните во судството е најважна ефикасноста на постапките, односно брзо завршување на судењата, и оти не биле исполнети очекувањата со законското решение од 2013 година за околу 80 до 90 проценти од постапките да се завршуваат со спогодба.

Адвокатот Тони Менкиноски истакна дека има сериозни проблеми во екипираноста и финансиска поддршка на Обвинителство, од што до некаде зависат и нивните активности, особено при собирањето докази. Тој апелираше државата Македонија што поскоро да го ратификува Протоколот 16 на Конвенцијата за заштитата на човековите правата и фундаменталните слободи. Протоколот 16 е првата директна врска меѓу Европскиот суд за човекови права и случаите кои се водат пред националните судови

Работната група 3 предлага неколку препораки, кои треба да бидат прифатени во ново законско решение, како што се подобрување на АКМИС системот за обезбедување просечна казна за определено дело како начин за подобро предвидување на висината на санкциите, подигнување на свеста кај судиите да не прифаќаат признанија кои се несоодветно поткрепени со докази, имотноправното барање да е интегрален дел од спогодбата, како и хиерархиски повисок јавен обвинител да даде одобрение за спогодување.