Откако неколку европски земји советуваа да не се аплицира вакцината „Оксфорд – АстраЗенека“ на лица над 65 години, Швајцарија одби да ја одобри оваа вакцина против ковид-19, поради, како што велат, недостиг на податоци за истата и за која се потребни нови студии. Домашните здравствени експерти велат дека нема сомнеж дека вакцината е безбедна, па затоа и нашите здравствени власти ќе ја набават, а првите дози ќе стасаат идниот месец.

Дали населението може да биде спокојно? Колкава е ефикасноста на оваа вакцина? Мета на оваа тема разговараше со професорите Никола Пановски и Драган Даниловски. Тие велат дека, и покрај тоа што вакцината на „АстраЗенека“ е поевтина од другите, таа е ефикасна и безбедна. Всушност, токму ниската цена на оваа вакцина е нејзинот главна предност, бидејќи е достапна за земјите во развој кои се соочуваат со економски потешкотии поради пандемијата. „Оксфорд-АстраЗенека“ е вакцината која е достапна преку КОВАКС системот имплементиран од „Гави“ алијансата за имунизација и Светската здравствена организација.

„Факт е дека оваа вакцина е драстично поевтина вакцина од другите. Околу 8 долари чини двојна доза. Десет пати е поевтина од кинеските вакцини, а пет пати е поевтина од вакцината на „Фајзер“. Вакцината на „АстраЗенека“ е многу повтина од сите вакцини, вклучително и од руската. Не е испитана во клинички студии во однос на ефикасноста кај лица над 65 години, иако се очекува дека ќе делува и кај нив. Затоа неа ја даваат на помлади, а „Фајзер“ и „Модерна“ ја примаат повозрасни граѓани. Ако ние набавиме 100 илјади дози кинески вакцини, нив би ги примиле повозрасните граѓани, а овие на „АстраЗенека“ ќе можат да се дадат на помлади лица од 65 години“, вели Пановски.

Според професорот нема докази дека станува збор за штетна вакцина, ниту пак, се очекува дека ќе даде несакани ефекти.

„Нема да има нус појави, не е токсична, туку едноставно, само не се знае каков би бил ефектот кај повозрасни лица. Може на лице над 65 години имунитетот да му е послаб и тоа да биде причина да не создаде ефикасност вакцината. Колкав е процентот на заштита кај овие лица, не е испитано“, додава Пановски.

Предноста на вакцината на „АстраЗенека“ е во тоа што не треба да се чува во специјални услови, туку во обичен фрижидер. Исто така, втора доза не мора да се даде по три-четири недели, туку тоа може да се направи и по три месеци, бидејќи првата доза доволно заштитува.

Професорот епидемиолог Драган Даниловски, вели дека вреди да се прими и „АстраЗенека“.

„Хипотетично (карикирам), 1.000 пати да е полоша некоја вакцина, пак вреди да се земе, затоа што опција е да се фати вирус, кога-тогаш. Таа опција не е прифатлива. За никого, освен за младите под 18 години. Веројатноста да се остане со трајни последици по здравјето после инфекција е многу висока. Една третина од сите што прележале, ќе имаат намален витален капацитет на белите дробови, независно од тежината на симптомите“, вели Даниловски.

Во меѓувреме податоците на Оксфорд кои се објавени неделава, зборуваат дека вакцината е 76 отсто ефикасна и тоа по само една примена доза. И британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека вакцината е многу добра и ефикасна во сите возрасни групи.