Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат.
Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.
Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот. Ер тракторите и понатаму ќе останат паркирани во хангарите. Не смеат да полетаат, зашто уште не полетале за сервисирање. Трите „ер трактори“ повеќе од две години не се извадени од хангарите зашто не се сервисирани. Дури и денес да се сервисираат, првиот сервисиран авион ќе може да биде ставен во функција за 40 до 45 дена, односно во октомври кога нема пожари.
Ќе направиме брза интервенција за севисирање на авионите Канадери бидејќи без сервис не можат да полетаат, изјави синоќа премиерот Зоран Заев, кој беше во Кочани откако околината, а потоа и делови од градот беа зафатени од пожар.
Канадерите се приземјени, Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Но, двата хеликоптери утре ќе дејствуваат, изјави Заев.
И во шумскиот пожар кој се случи во Галичник за време на велигденските празници не беа вклучени авионите за гаснење пожар бидејќи Македонија во моментов нема ниту еден исправен авион за таа намена. Ова е втора година по ред како трите специјализирани летала за гаснење на пожари, наречени ер-трактори, набавени во 2010 година се приземјени.
Авионите беа несервисирани и во 2020 година и годинава, постапката е во тек, лани само еден оператор се има пријавено на тендерот, но неговата понуда значително ги надминува средствата кои се предвидени за сервисирање на леталата и тоа за цели 40 проценти. Никој не може да склучи договор за таква сума, вели Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Годинава пристигнаа две понуди и се надеваме дека ќе успееме да ја реализираме оваа јавна набавка, додава Максути.
Ако пред еден месец се чекаше повторно да падне тендерот за добавувач-сервисер, за Бирото за јавни набавки да дозволи тој да се најде со директно преговарање, сега се чека да дојдат понудувачите.
Поканет е сервисерот минатата недела, чекаме да дојде неделава. Но, за сервисирање на еден авион за гасење пожари и за негова подготовка за полетување потребни се од 40 до 45 дена, вели Максути, кој и во мај беше свесен дека државата до летово нема да биде подготвена самата да се справува со пожари на непристапни терени со гаснење од воздух.
Ние и изминативе години баравме и добивавме помош од воздух не само од соседните туку и од пооддалечени земји каква што е Израел, тоа не е невообичаена пракса, како и да бараме помош од ЕУ, рече Максути.
Тендерот за сервисирање и поправка на авионите за гаснење на пожари, кои ги поседува Дирекцијата е објавен уште во октомври минатата година, а постапката е дополнета во април годинава. Додека не заврши целата административна постапка или додека Владата не одлучи поинаку, ер-тракторите и натаму ќе останат во хангарите.
Comments are closed for this post.