Утрово околу 8:30 часот во скопската населба Лисиче е пукано кон таткото на Самоил Костадиновски, кој е исчезнат веќе четврти месец, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нивните информации, во него пукало непознато лице, кое со мотор се движело во близина на семејната куќа во Лисиче.

Од полицијата го потврдуваат случајот и велат дека повредениот е пренесен во болница, а полицијата на терен презема мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 08.38 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ.К. (57) пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Полициски службеници излегле на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.

Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски, досега во обраќања до јавноста нудеше парична награда за пронаоѓањето на неговиот син, кој беше пријавен за исчезнат на 3 март.

Киднапирањето се случило во скопската општина Кисела Вода, a информации во медиумите се појавија на 6 март, откако претходно на социјалните мрежи почнаа да кружат повици тој да биде пронајден бидејќи му се изгубила секаква трага.

Две лица се осомничени за кривичното дело грабнување.

Семејството се роднини на сопругата на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.