Признанието на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека дел од работната група на Министерството, која преговара со свои колеги од бугарското МНР околу надминување на недоразбирањата произлезени од (не)спроведувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, е професорот Денко Малески, работите ги доведува до апсурди.

Професорот Малески пролетоска излезе со колумна и со интервју за една бугарска телевизија во кои ги изнесе веќе познатите негови тези дека македонскиот револуционер Гоце Делчев бил етнички Бугарин и дека македонскиот и бугарскиот се еден ист народ.

Ваквите негови ставови наидоа на остра осуда во домашната јавност.

А, од нив се огради и претседателот Стево Пендаровски, иако професорот Малески е негов советник.

Салто морталето кај Пендаровски беше двојно. И во поглед на Гоце Делчев и во поглед на „исдт народ“.

Во првата изјава Пендаровски наведе дека Гоце Делчев бил Бугарин, а веднаш потоа се коригираше, па Делчев стана македонски револуционер.

Во делот на „ист народ“, пак, Пендаровски се дистанцираше истакнувајќи оти не мисли како професорот Малески „дека сме ист народ“.

И сега основано се поставуваат две прашања. Првото, од кои позиции настапува професорот Малески во работната група во поглед на етничката припадност на Гоце Делчев и тезата „за ист народ“ бугарски и македонски? И второто, кој во меѓувреме, во временски период од само неколку месеци, ги сменил ставовите-професорот Малески или претседателот Пендаровски?

Или, според прифатената бугарска „современа реалност“ за постоење на македонскиот народ и нација од 1944 година, за малку Македонецот, Малески, или Македонецот, Пендаровски? Зашто, професорот Малески е роден 1946 година, значи само две години од почетокот на постоењето на Македонците, а претседателот Пендаровски во 1963 година, речиси две децении од појавата на Македонците.