Јавноста не доби одговор ни четири дена од обелоденувањето на аферата „Рекет“ – што се случува со Катица Јанева, специјалната јавна обвинителка. Кој е нејзиниот статус во моментов?

Што се очекува од органите на прогонот? Да кажат јавно – кој е моменталниот статус на Јанева. Тоа пред сите треба да го направи обвинителката Вилма Русковска во чии раце е новоофермениот предмет „Рекет“.

Ова од причини што на Јанева, како што е и потврдено, и е одземен службениот телефон, а другиот, можеби приватен, го загубила.

Бидејќи никој не може некому да му заплени службен телефон онака без врска, односно тоа се прави со налог, тоа отвора повеќе прашања. Едното е секако –дали Катица Јанева е осомничена во случајот „Рекет“? Ако е, зошто тоа се крие? Ако не е, зошто и е одземен службениот телефон, по која основа? Дали таа е жртва на прогонот?

Како е можно за една толку важна функција (значи и личност) јавноста да не знае за нејзината моментална состојба и статус, а ова важи и за нејзината здравствена состојба. Дали навистина е на боледување и што е причината за тоа? Дали има сериозни здравствени проблеми и од што се предизвикани? Дали тоа може да биде сериозна пречка во натамошните истражни постапки?

Има и други контроверзи поврзани со Катица Јанева, една е нејзината оставка. Таа е депонирана и ќе се активира само кога ќе биде најдена нејзина замена?! Плус, таа е сега на отворено боледување.

Обвинителката Вилма Русковска треба да го објасни јавно статусот на Катица Јанева

Законот вели дека постојат повеќе основи за престанок (член 17) – на јавниот обвинител функцијата му престанува по сопствено барање, значи оставка, ако трајно загуби способност за вршење на таа функција. Овде можеме да шпекулираме до утре сабајле, затоа што има и други можности, но клучот сега е во спроведување на Законот за СЈО.

Бидејќи станува збор за објавена оставка, а работите со СЈО се комплицирани до ниво тоа да не може да функционира во полн капацитет и кредибилитет, тимот на Јанева се огради од нејзе, а сега топката треба да биде во дворот на Собранието. Законодавниот дом треба да ја констатира оставката и да побара тоа да го утврди Советот на јавни обвинители. Претходно, тој предлог треба да дојде од најголемите парламентарни политички партии.

Законот ги утврдува тие правци, а се друго се политички игри поврзани со СЈО и со случајот „Рекет“.