Република Македонија денеска го чествува 11 Октомври, Денот на македонското востание против наци-фашистичките окупатори за време на Втората светска војна. Одбележувањето на 79-годишнината од почетокот на антифашистичката борба, што доведе до создавање на македонската држава, прво како федерална единка во рамките на поранешната југословенска федерација, а потоа и до независен и самостоен меѓународен субјект, претставува повод за уште едно ново навраќање и потсетување на минатото.

Со сиот ризик од постоење објективни и субјективни оценки за евентуална идеолошка обременетост, по овој повод приведуваме извадоци од делот од книгата „Времето на Колишевски“ на Драган Кљакиќ, насловен како „„Кои беа првите македонски партизани“?

„…Окупаторот жестоко се нафрли врз првите партизански одреди. Освен Прилепскиот, другите два одреди-Кумановскиот и Скопскиот, претрпеа големи загуби. На определениот и следниот ден, на теренот излегоа само два одреда-Прилепскиот и Кумановскиот. Скопскиот одред беше неактивен. Другите одреди беа слабо организирани. Место да се соберат околу 500 борци, дошле само 100, што на окупаторот му ја олеснило можноста со сериозни удари да им нанесе големи загуби.

Планирано е акцијата на партизанските одреди да започне на 11 октомври, истовремено во скопскиот, прилепскиот, велешкиот, кумановскиот, тиквешкиот и во другите краишта… На почетокот на октомври 1941 година во Прилеп бугарската полиција уапси неколку членови на КПЈ и на СКОЈ (На бугарските владејачки власти им беше позната револуционерната работа на КПЈ, нејзиното влијание и довербата што ја имаше кај широките народни слоеви. Поради тоа, првите мерки што ги презеде бугарскиот окупатор беа насочени кон откривање на членовите на КПЈ и на нејзините симпатизери заради оневозможување на нивните револуционерни дејности и на влијанието врз народот. За да ги спроведат таквите мерки властите ги оспособија постојните затвори во Македонија, средувајќи ја запленетата документација-досиејата на комунистите, и го организираа судството. Заради легализирање на репресивните мерки против носителите на движењето на отпорот, Бугарското народно собрание во септември 1941 година донесе дополнителен Закон за заштита на државата со кој се заострени мерките против оние лица кои се занимавале со антибугарска дејност…

Само од август 1941, кога се организирани првите судски процеси, до крајот на декември во Скопје, Прилеп, Куманово, Битола и Охрид се организирани 14 судски процеси на кои се обвинети над 120 комунисти и скоевци. Од тој број, најголем дел беа од редовите на партизанските одреди. Ним им се изречени 23 смртни казни, 50-мина се осудени на долгогодишни временски казни).

По нивното ослободување од затвор, според одлуката на Воениот штаб, тие со собраа кај пештерата наречена Црвена Стена. Вкупно беа 38 партизани. Беше донесено и извесна количество оружје и муниција. Требаше да се формираат три чети од по 15 луѓе, но не пристигна првата чета, така што одредот не се формира. Вечерта на 11 октомври се формираа три групи за напад на бугарските објекти во Прилеп и една група за прифаќање на овие три групи. Првата група од 5 борци ја нападна полициската станица, втората од 6 борци-затворот, а третата од 5 борци-ги прекина на две места телеграфско-телефонските врски. Сите задачи се извршени без загуба…

…Кои беа првите македонски партизани?

Од 35 припадници на Скопскиот одред, 22 беа работници, другите беа ученици, студенти, трговски помошници. Од 34 борци на Прилепскиот одред 23 беа работници, кројачки и дрводелски, сдеуммина беа студенти и ученици и трговски помошници. Во Кумановскиот одред од 41 борец, 31 беа работници, двајца службеници, шестмина интелектуалци и тројца земјоделци.

Од вкупниот број борци, половината имаа меѓу 21 и 25 години. Меѓу нив имаше и девојки-во Кумановскиот одред 3, во Скопскиот 3 и во Прилепскиот 6 младинки. Главно, сите беа Македонци, но меѓу нив имаше и Срби, Црногорци, Турци и Албанци. Во Кумановскиот одред од 41 борец, 19 беа членови на КПЈ, 11 скоевци и 11 антифашисти. Во Прилепскиот-90 отсто од составот беа членови на КПЈ, а истото тоа може да се рече и за Скопскиот одред.

Во масовните рации и апсења есента 1941 година, покрај партизаните, беа затворани и други членови на КПЈ и скоевци во Македонија. На припадниците на Прилепскиот одред им се изречени седум смртни казни со бесење и 16 временски казни од 3-15 години, а десетмина беа интернирани. Од Кумановскиот одред деветмина од фатените партизани се осудени на доживотна робија, 12-мина на временски казни робија меѓу 8 и 20 години. Борците што беа во илегалност се осудени на смрт во отсуство.

Од борците на Скопскиот одред 17 се осудени на смрт со бесење, двајца се осудени на временска казна меѓу 2 и 15 години, а двајца на 7 години и 6 месеци робија, додека другите беа интернирани по логорите во Бугарија“.