На денешното рочиште за настаните од 27 април сведочеше поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. Тој истакна дека во периодот на 2016 и 2017 година бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и оти обвинетите Спиро Ристоски и Миле Јанакиески не биле членови на партиските тела, ниту пак тоа време постоела функицијата организациски секретар.

Објаснувајќи за тој период рече дека неговата партија победила на избори, но оти не можеле да формираат влада и оти народот бил вознемирен оти нешто се подготвува.

Тој рече дека во партијта немале донесено никаква одлука за поддршка на протестите.

-ВМРО-ДПМНЕ ги оцени протестите како мирни и спонтани, но немаше учество во нив, појасни Трајановски.

Тој објасни и дека како градоначалник на Скопје не вршел никаков притисок градската администрација.

Исто така Трајановски појасни дека Миле Јанакиески и Спиро Ристески немале никаква комуникација со градските комитети за време на протестите.

На денешното рочиште сведочеше и Владимир Нелоски, кој во тој период бил дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и на чело на Унијата на млади сили. Нелоски беше јасен дека обвинетиот Спиро Ристоски не бил член на Извршниот и на Централниот комитет на партијата и оти немал функција организациски секретар. Тој посочи дека ИК на партијата немала одлука за учество на протестите.

-Наши симпатизери учествуваа на протестите исто како што членови на СДСМ учествуваа во Шарената револуција, одговори Нелоски.

Тој исто така потврди дека како претседател на УМС немал комуникација со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во врска со протестите.

-Повеќе од јасно е дека не може да има некаква одлука без да биде потврдена на партиските тела и за тоа да не постои записник, рече Нелоски.