Од 40-тата седница на Владата: Забрана за движење на сите граѓани од 16:00 часот во петок до 05:00 часот во вторник; Мерката строга изолација за македонските државјаните кои се враќаат од земјите со највисок ризик се продолжува и ќе изнесува 21 ден; Се запираат постапките за пензионирање на здравствените работници за време на вонредната состојба

Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница го разгледа и усвои предлогот за продолжување на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на претстојниот христијански празник Велигден, односно забраната за движење ќе започне од 17 април 2020 година (петок) од 16:00 часот и ќе трае до 21 април 2020 година (вторник) до 05:00 часот.

Согласно оваа забрана и посебен режим на движење, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.

Дополнително, со одлука на Владата е усвоен предлогот на Главниот координативен кризен штаб од состанокот што се одржа денеска, од четврток 16 април во 16:00 часот, до 05:00 часот во вторник 21 април  да се забрани движење и групирање, односно да се затворат сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите за време на периодот на забраната и посебен режим на движење за претстојниот празник, а Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите на овие места.

За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други граѓани има целосна забрана.

За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други лица има целосна забрана.