Откако одбраната на Бојан Јовановски ја достави листата на сведоци кои ги повикуваат во случајот „Меѓународен сојуз“ топката се префрла кај судечкиот совет кој треба да одлучи дали ќе ги прифати доказите.

Судејќи според искуството од претходниот случај „Рекет“ како и фактот дека во целост не беше вештачен телефонот на Јовановски, мала е веројатноста Судот да ја прифати во целост понудената листа на сведоци.

Пресуда за предметот „Рекет“, 18 јуни 2020 (фото: МИА)

А во неа има навистина звучни имиња кои би можеле да кажат многу работи за нивната соработка, но и дружба со Боки.

На листа на сведоци се лидерот на СДСМ Зоран Заев и неговата сопруга Зорица, неговиот брат, Вице, братучедот Трајче, потоа Александар Кирацовски кој беше често во друштво со Боки, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, министерот за транпорт Горан Сугарески.

Тука се и бизнисмените Орце Камчев и Силјан Мицевски, пријателката на Боки, текстописецот Марина Туцаковиќ, како и главниот уредник на 1ТВ Ацо Кабранов.

Незавизно од оваа листа на сведоци, Боки поднесе кривични пријави против четириесетина политичари, носители на јавни функции и бизнисмени.

Тој вчера од Шутка испрати писмо во кое вели дека сако ако го убијат може да го спречат да ја каже вистината за случајот „Рекет“.

 Кривичните пријави се однесуваат на предметот „Рекет“, за сите неодговорени прашања за случајот „Рекет“ каде сум првостепено осуден. Кривични пријави поврзани со случајот кој е во судска постапка – „Меѓународен сојуз“, но и за сторени кривични дела за кои јавноста не е запознаена, а јас сум бил директен сведок, а се многу сериозни кривични дела, и за кои кривични дела се истите сторители, носители на јавни функции заедно во соизвршителство со членови на нивните семејства и нивни блиски соработници и сопартијци-напиша Боки во писмото.