Три дена молк од страна на власта околу тоа како да ги викаме Бугарите. А, тоа треба што поскоро да го стори, зашто како новинари и медиуми сме први на удар за да бидеме казнети за ширење говор на омраза, што во духот на добрососедството треба да се елиминира или сведе на минимум.
И ова не е шега, туку сериозно прашање, што се наметна по смената на колегата Зоран Иванов од должноста член на Надзорниот одбор на државната агенција МИА, поради сексистички фб статус на својот профил во кој ги спомена Дора Бакојани и Екатерина Захариева. А, особено по настапот на проф. Кирил Топалов, член на бугарскиот дел на заедничката комисија за прашања од историјата и учебниците, во еден од бугарските медиуми.
Според проф. Топалов, ние, Македонците, таму некаде во 50-тите години на сега веќе минатиот век сме го прифатиле „српското Бугари“, што за нив „звучело навредливо, понижувачки, грубијански“!
Само за неколку дена треба да се одржи нова седница на заедничката комисија. И би било навистина непријатно нашите историчари да не знаат како да им се обраќаат на нивните колеги-како Бугари, Б,лгари или Болгари, зашто од именката произлегува и придавката, па треба да бидат бугарски, б,лгарски или болгарски колеги.
На бугарските историчари уште минатиот октомври почна да им пречи придавката македонски. И за колегите и за нејзината употреба во текстовите.
Кога станува збор за медиумите, работата е уште покомплицирана. Тие се соочуваат со потребата од секојдневна употреба и на именката и на придавката. Затоа власта треба да реагира што поскоро за да не се најдат на удар на санкции. И, нормално, предмет на забелешки и броење од другата страна на границата.
Comments are closed for this post.