„- Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.
– Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.
– Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.“
Ова е делот од Протоколот за т.н. говор на омраза, што го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Министерот Османи на средбата со новинарите некако многу лесно мина врз оваа содржина, објаснувајќи дека македонските судови ќе бидат тие, што ќе им судат на граѓаните, а меѓу нив и новинарите, врз основа на општопознатата дефиниција за говор на омраза.
Настрана тоа што ваквите одредби содржат низа нејаснотии, како на пример дефинирањето на поимите „јавен простор“ или „недобронамерна пропаганда“, што може да се протолкува како отворена цензура, клучно е прашањето дали македонските судови ќе не судат за говор на омраза кога се практикува македонизмот или кога се станува во негова одбрана? Зашто, за бугарската страна македонизмот е нешто најгрдо, најлошо, најнеприфатливо нешто!
Речиси нема бугарски историчар или актуелен политичар, кој не се нафрлил врз македонизмот. Претседателот Румен Радев, на пример, беше првиот кој го искористи терминот „воинствен македонизам“ за кого, нели, нема место во Европската унија.
Војн Божинов, пак, историчар од БАН, во интервју за БНР во емисијата „12+3“ од 9 ноември 2020 година отиде чекор натаму, па изјави дека „македонизмот е расистичка теорија“. Проф.Трендафил Митев во интервју за Труд од 22.12.2020 година ќе изјави дека „македонизмот е политичко чудовиште“. Во Бугарија нема медиум, кој речиси секојдневно не го користи терминот „северномакедонски“ или „северномакедонци“.
Ќе смее ли да се користи историска литература, како на пример Петко Славејков, кој за „македонистите“ пишувал дека се глупави деца?!
Или ќе може ли да се користи цитат од книгата на Димитрис Ливаниос со наслов „Македонското прашање-Велика Британија и Јужен Балкан 1939-1949 “ во кој стои:„…Во 1920 година еден македонски селанец го изјавил следното пред бугарскиот амбасадор во Белград, Коста Тодоров:„Во име на Бога, не не ослободувајте повеќе. Не ослободивте од се што имавме. Ако некој пак почне да не ослободува, ние ќе бидеме првите штоќе се побуниме против него. Случувањата во областа по 1945 година, како што ќе видиме, покажале дека таквите процени биле базирани на факти и го потврдуваат гледиштето дека „бугарофилските“ тенденции на населението за време на годините меѓу војните повеќе се должеле на бруталното српско владеење, отколку на бугарските националистички чувства…“.
И ако новинарите или воопшто граѓаните реагираат на ваквата терминологија во медиумите или во литературата на социјалните мрежи ќе бидат ли гонети за говор на омраза кон Бугарија и Бугарите?! За што?! Само затоа што сакаат да го одбранат македонизмот, кој е нераскинлив од Македонците!
Comments are closed for this post.