Откако руското МНР преку соопштение се изјасни дека внимателно ги следат случувањата во Македонија по референдмот и дека не ја исклучуват можноста прашањето за Договорот од Преспа да го постават пред Советот за безбедност на ОН, експресно реагираше Владата.

Оттаму демантираат дека Русија на било кој начин може да го попречи Договорот помеѓу Македонија и Грција за спорот за името и дека Советот за безбедност на ОН нема ниту да дискутира, ниту да одлучува.

Но, дали тоа е така? Русија е една од петте постојани членки на ова највисоко тело на Обединетите нации заедно со Велика Британија Кина, САД и Франција.

Постојаните земји членки имаат право на вето врз одлуките на Советот. .Досега, Русија како самостојна држава но и како дел од СССР го имаат употребено правото на вето 123 пати.

Земајќи предвид дека нашата земја под името “Поранешната Југословенска Република Македонија”, примена во членството на Обединетите нации во 1993 година, со Резолуцијата 47/225, по препорака на Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност нема да биде никакво изненадување ако Русија го свика Советот на кој би се расправало за договорот со Грција.

Новиот руски амбасадор во Македонија, Сергеј Александрович Баздникин, во интервју за „Спутник“ вели дека Русија, како постојана членка Советот за безбедност на Обединетите нации, внимателно го следи процесот на решавање на овој проблем, и нашата принципиелна позиција останува непроменета – долгорочното решение може да се најде само кај граѓаните, без наметнување надворешни фактори, строго во рамките на уставно-правниот поредок.

Според него, тоа мора да се базира на широка јавна поддршка и мора да биде врз основа на принципите и нормите содржани во Повелбата на Обединетите нации.