Собраниската комисија за мандатно имунитетни прашања експресно и без многу дискусија предложи одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски поради тоа што не доаѓал на седница повеќе од шест месеци.
Пред почетокот на расправата претставниците од ВМРО-ДПМНЕ предложија да се расправа за етичкиот кодекс на пратениците по скандалот со досегашниот претседател на Комисијата Павле Богоевски.
Сепак до тоа не дојде бидејќи мнозинството нагласи дека ниту ВМРО-ДПМНЕ го нема потпишано таквиот кодекс, а со тоа што Богоевски си поднесе оставка станува безпредметно да се расправа за неговиот случај.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невена Стаменковска потсети дека во Македонија денеска се живее во услови на репресија, дискриминација и прогон од страна на владата целосно го контролира судскиот и обвинителскиот систем и оти тоа го констатирал и Народниот правобранител.
Снежана Калевска Ванчева пак сметаше дека има различно толкување на Уставот и Деловникот околку тоа дали и на кој начин може да се одземе мандат на пратеник кој не доаѓа подолго време на седници.
По кратката дебата се прејде на гласање и со пет гласа за и ниту еден против или возржан Комисијата предложи одземање на мандатот на поранешниот премиер. Следен чекор е пленарната седница каде за овој предлог да стане конечен потребни се 80 гласови.
Comments are closed for this post.