Отворени сме за идејата да имаме заеднички фонд за финансиска поддршка на граѓанските организации, со точна идентификација на приоритетните области, распределбата на средствата и дефинирана процедура за селекција која треба да се заснова на отворен, инклузивен, конкурентен и транспарентен процес.

Ова, меѓу другото, го изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, по завршувањето на средбата во Скопје на Меѓувладината работна група за европска соработка-зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото.

Враќањето на довербата и натамошната соработка во евроинтеграциите меѓу Македонија и Бугарија се основата на новите ветришта во меѓусебните односи, што започнаа со стапувањето на премиерските функции на Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Но, наспроти сиот оптимизам на вицепремиерот Маричиќ, сепак останува сомнежот со кои и чии средства ќе се формира тој заеднички фонд за граѓанскиот сектор. Дали, на пример, од бугарска страна, тоа ќе значи дека ќе се користат средствата на нивната влада за Бугарите во странство, што за годинава изнесуваше 400.000 евра? Натаму, дали тој фонд ќе опфаќа и европски средства наменети и за Бугарија и за Македонија посебно?

Од првиот фонд, на пример, до сега се финансираа активности, што имаа за цел да ја шират бугарската пропаганда во Македонија, па и во Албанија, со која се негира постоењето на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, историја, култура и самобитност. Во тие рамки, меѓу другите граѓански организации и културниот центар „Иван Ванчо Михајлов“ од Битола.

Прашањето е дали во иднина со предвидениот заеднички фонд, што значи и со пари на даночните обврзници во Македонија, ќе се финансира истиот тој културен центар „Иван Ванчо Михајлов“, што би било парадокс на парадоксите?

Со европски пари, пак, во Бугарија, во 2007 година, е подготвена „Бугарската политика спрема Македонија“, проект што се наоѓа во основата и на Договорот за добрососедство и на негирањето на македонската посебност. Ако се погледне списокот на подготвувачи на тие „препораки за развој на добрососедските односи по приемот на Бугарија во ЕУ и во контекст на проширувањето на ЕУ и НАТО на Западен Балкан“, може да се видат имињата, на пример, на покојниот Божидар Димитров, на д-р Живко Георгиев, директор за стратешки истражувања на фондацијата „Манфред Вернер“, на Надежда Стојанова, програмски директор на истата фондација, и уште многу други, кои денес се во првите борбени линии во отпорот против Петков и симнувањето на бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Во владиното соопштение објавено по средбата, меѓу другото беше наведено и дека вицепремиерката задолжена за добро владеење, Славица Грковска, информирала за Советот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор, и во таа насока се договориле да работат на воспоставување на иницијатива за соработка на граѓанските сектори на двете пријателски земји со посебен фокус на размена на искуства и мислења во полињата за добро владеење, зелената агенда и евроинтеграциите.

Сето ова е не добро, туку одлично да се слушне. Но, каков ќе биде реалниот ефект ако не се имаат предвид сите непознати, па и вистински предизвици, останува да се види. Зашто, функционирањето на два паралелни граѓански света, секој со свои задачи и цели, нема да води никаде. Напротив, може само да ги продлабочи недоразбирањата.