Деновиве бугарската јавност разбра за фотографијата на Васил Левски откриена од младиот историчар Виктор Комбов во османслиските архиви во Истанбул. По Арабаконачката акција есента 1872 година, турските власти ги фаќаат комитетските архиви во Тетевен и Орхание/Ботевград.

Заедно со оригиналната фотографија во рацете им паѓаат и други документи, вклучувајќи го и печатениот устав на БРЦК (Бугарски револуционерен централен комитет н.з.). И во него и во други документи на Левски и на револуционерната организација секогаш се говори за Македонија како жив дел од бугарската татковина.

Да потсетиме дека во својот извештај за весникот „Слобода“ на Каравелов, Васил Левски вели:„…И ние сме луѓе и сакаме човечки да живееме, да бидеме слободни, со целосна слобода во нашата земја таму каде што живее Бугаринот-во Бугарија, Тракија, Македонија…“, пишува софиски „Труд“.

Во тогашните европски карти под натписот „Бугарија“ се подразбира античката провинција Мизија (вклучително Добруџа и Поморавито). Истовремено, тогашните европски и руски научници одлично знаат дека Тракија и Македонија исто така се бугарски области. Левски многу често го користи поимот „бугарски“  кога станува збор за целокупната татковина. Зачувувањето на нејзината целовитост е основен приоритет на националната револуција, на БРЦК и на Внатрешната организација.

Од своите млади години идниот Апостол на слободата имал средби со Бугари од Македонија, уште повеќе во центарот на занаетчиството и трговијата, каков што бил родното Карлово. Уште во почетокот на 19 век, учител во градот бил Атанас Владов од Велес, кој бил наследен од Никола од Битола.

Како револуционер, Левски има многу и тоа трајни контакти со македонски Бугари.Во времето на Првата бугарска легија, во Белград, во 1862 година, Левски е во делот командуван од прочуениот војвода дедо Иљо Малешевски, во која имало десетици македонски Бугари. Во легијата исто така учествуваат Бранислав Велешки (аѓутант на „народниот војвода“ Георги Раковски!), Стојан Македонецот (знаменосец), Христо Алексиев од Скопје, Димитар Честитиот од Ѓаково, Спиро Џеров од Битола, Димитар Попгеоргиев Беровски, Христо Македонски и мнозина други.

Есента 1866 година, Д.И.Левски („Ѓакон Игнатиј Левски“ како што тој се потпишува во тоа време) еден месец престојувал во Јаш, Романија, каде бил на гости кај отец Натанаил (1820-1906)-идниот митрополит на Охрид и Пловдив, родум од Кучевиште, Скопско. Имиња на македонски Бугари уште гледаме и во Втората бугарска легија и во четата на Хаџи Димитар и Стефан Караџата во текот на летото истата година.

Во личната архива на Апостолот е зачуван еден добро познат, но и „мистериозен“ документ, кој сведочи за „посветени“ на револуцијата од големата населба (паланка) Галичник, Дебарско. Во 19 век, колоритното планинско „гратче“ е многубројно и заедно со околните села Гари, Лзрополе и други, на бугарската култура и дава мала „армија“ од зографи, резбари, градители… Да не заборавиме дека Левски чувствувал посебен пиетет кон луѓето од уметноста, вклучувјќи го блиското пријателство со Цањо Захариев, Георги Данчов-Зографот и Станислав Доспевски.

Во споменатиот документ читаме:„Посебни белешки за Галичник чисти шест часа близу Охрид…“, по што се дадени шифрирани имиња. При нивното „читање“ со помош на „шифрите на Левски“ позати од друг документ, на четири ред излегуваат следните комбинации од букви-прв ред: 82=Т, 99=А, 87=Н// втор ред: 84=Р// трет ред: 96=Г, 91=И, 90=К// четврти ред: 80=Ф.

Истакнатите истражувачи на делото на Апостолот, Димитар Страшимиров и Иван Унџиев, забележуваат дека под „чисти“ се подразбираат „пријатели на револуционерната идеја“, чии имиња се шифрирани. Како што изгледа, содржината на документот има врска со писмото на Левски до д-р Константин Робев од Охрид од 6 август 1872 година:„Докторе и драги брате, најпосле дојде часот да помислам и на Вашиот крај. Работата не ми дозволуваше досега да мислам и за Македонија.

Порано требаше да се заврши се тука поблиску до брегот, та постепено да одиме се понапред кон Македонија и Тракија. Јас многу добро паметам, што зборувавме во Цариград, дека таму поспокојно може да се работи…Бог да даде здравје, кога ќе одам кон Штип и Скопје ќе гледам како и да е да дојдам и во вашиот град, па да се нареди потребното“.

Во горната „загатка“ Левски свесно ја „замаглил“ информацијата од чисто конспиративни причини, што нејзиното дешифрирање го прави речиси невозможно. Уште нешто, тој често ги скратува имињата на луѓето и на населените места со пишување на само две или три букви. Сепак, во третиот ред ја гледаме комбинацијата „ГИ“. Најблиската врска е со Панајот Гиновски (1842-1886) и неговите роднини. Денес Панајот Гиновски е претставен како „македонски преродбеник“. Неговото име влегува во фолклористикта со неговиот зборник од народни песни, преданија и други материјали, публикуван триесетина години по неговата смрт во руската серија „Жива старост“ (1899 г.). Роден е во Галичник во 1842 г. каде го учи „занаетот“ на својот татко Крсте Гиновски (непознато-1886), а потоа кај Ѓурчин Фрчковски (околу 1812-непознато). Кон крајот на 50-тите години на 19 век, Панајот Гиновски три години престојува во Карлово. Бидејќи е млад, најверојатно е помошник на некој од дебарските мајстори, кои престојувале во градот, како и во Сопот, Калофер и Аџар (денес Свежен).

Се знае дека во тие места работеле Макариј Фрчковски (1800-1859/63), брат на споменатиот учител на Панајот Гиновски, и неговите синови. Во 1895 г. мајсторот Макариј работи во Пзарџик каде и умира. Колку и да е хипотетички, буквите „К“ и „Ф“ од третиот и четвртиот ред ја даваат прифатливата кратенка на семејното име „Фрчковски“. Врските на семејството со Карлово и воопшто со Тракија се трајни. По ослободувањето, во Сопот работи Нестор Трајанов Фрчковски (1840-1919), кој заедно со својот братучед Христо слика икони и за црквата „Св.Никола“ во Карлово. Не е занемарливо дека неговиот татко Трајан Фрчковски (1809-1884), по ослободувањето, работи во Пловдив.

Ако дозволиме дека Трајан бил со „тајфата“ на својот брат Макариј и неговите синови во Карлово и Карловско,каде работеле во 50-тите и 60-тите години на столетието, работите стануваат уште поинтересни! Во шифрираниот запис на Левски во првиот и вториот ред би можело да биде прочитано името „Трајан“.

Да се вратиме одново кон Панајот Гиновски. Во Карлово, за време на работењето тој паѓа од скали или од скеле и си ја крши раката. Раната му се влошува, а татко му Крсте оди во Карлово и го враќа во Галичник. Веќе инвалидот Панајот Гиновски во наредните 17 години е работонеспособен. Меѓутоа, во тоа време тој собира материјали за својот зборник, зашто сепак бил способен за кратки патувања и не бил „отсечен“ о светот. Престојот на Панајот Гиновски во Карлово е во времето кога младиот Васил Кунчев се вратил од Стара Загора и го прифатил монаштвото.

Невозможно е двајцата млади, притоа поврзни со црквата и речиси врсници, да не се познавале. Од зачуваната фотографија на Панајот Гиновски се гледа дека тој наликувал на Левски-околност што секогаш била почитувана од Апостолот при обезбедувањето на легални документи неопходни за неговите патувања.

Меѓу можните „чисти“ приврзаници на револуцијата може да бараме и уште еден зограф и резбар од Галичник, чие мачеништво се испреплетува со дејноста на Левски. Тоа е Евгени Попкузманов (30-тите години на 19 век-1888г.)-ученик на Фрчковскиот род, кој работел на различни места во бугарските земји. Во 1869 година во Кривопланечко, потоа слика икони во Кула, Бојница и Брегово, Видинско, а во 1872 г. работи во Скопско. Треба да ги одбележиме и познанствата на блискиот соборец на Левски, „даскал“ Тодор Пеев (1842-1904) во Ќустендил и Северна Македонија. Да не ја заборавиме и кратката посета на Левски, заедно со Тодор Пеев, на Ќустендил, Осоговскиот манастир и Крива Паланка во септември 1872 година.

Да се надеваме дека ќе бидат откриени уште сведоштва за контактите на Васил Левски со видни Бугари од Македонија. Сепак, не помалку важен е односот на Апостолот кон класата на уметниците зографи и резбари, неговите врски со „чистите“ доверливи истомисленици од нивната средина во борбата за „…целосна слобода на нашата земја таму каде живее Бугаринот – во Бугарија, Тракија, Македонија…“.