Кандидати за полициски службеници од утре ќе бидат на практична обука за физичка регулација на сообраќајот на неколку раскрсници во Скопје. Од МВР информираат дека станува збор за дел од курсот за основна обука за полициски службеник што во моментов се одвива во Центарот за обука во Идризово.

„Во периодот од 9 до 15 часот утре, на 21, 22, 27, 28 и 29 мај годинава на крстосниците кај Сајмиште, Железничка станица, Црвен Крст и Стара Рампа, кандидатите за полициски службеници заедно со четворица полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе реализираат практична обука за физичко регулирање на сообраќајот, каде што секој кандидат треба да регулира сообраќај заедно со полициски службеник околу пет до 10 минути, соопштуваат од МВР.

За таа цел од МВР ги замолуваат граѓаните да имаат разбирање и трпение кон кандидатите за полициски службеници при изведување на практичната обука.