По потврдување на регуларноста на кандидатурите на тројцата претседателски кандидати и по утврдување на редоследот на гласачкото ливче, за помалку од десет дена, односно од 1 април, официјално ќе стартува изборната кампања за претседател на државава.
Претседателските кандидати, кои во изминатите седмици редовно известуваа за своите активности низ земјава, со што неофицијално веќе ја почнаа кампањата, вчера добија предупредување од ДИК да не ја почнуваат предвреме кампањата.
Највисокиот изборен орган повикува и бара коректна, чиста позитивна европска кампања, бидејќи, тоа е во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, во интерес на политичките партии, во интерес на ДИК, и во интерес на целата држава. Апел до сите учесници во кампањата изборите да поминат во фер и коректна атмосфера, да претставуваат вистински политички натпревар на идеи, со цел да се добијат кристално чисти избори што ќе значат еден плус повеќе за развој на демократскиот капацитет на државата.
Во ДИК вчера беше спроведено жребувањето за редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче. Кандидатот на албанската опозиција за претстојните претседателски избори Блерим Река ќе биде прв на избирачкото ливче, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, а трет е кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.
Во вториот круг нема да се прави нова жрепка, а кандидатите кои ќе влезат во вториот круг ќе го задржат редниот број од првиот круг.
Претставниците на претседателските кандидати, кои ги влечеа бројчињата, изјавија дека очекуваат фер, демократска и пред се кампања во духот на европските вредности.
Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај.
Comments are closed for this post.