Извршниот директор на „Орка Холдинг“ Јордан Камчев денеска преку пишано соопштение изјави дека сите негови компании се отворени за соработка со Специјалното Јавно обвинителство, како и со сите други државни институции во земјава, а пред се во интерес на одржување квалитетна бизнис клима и економски просперитет во земјата.

Во врска со денешниот инспекциски надзор во дел од фирмите  поврзани со „Орка Холдинг“, оттаму реагираа преку  соопштение до јавноста, пренесувајќи ја изјавата на извршниот директор на Орка Холдинг,  Камчев.

Би сакал да ја информирам јавноста дека како сопственик на повеќе компании во Македонија, кои вработуваат над 3000 лица, максимално сме отворени и транспарентни  за секој инспекциски надзор. Компаниите во кои сум сопственик, со целосна одговорност изјавувам дека, ги почитуваат позитивните законски прописи во Република Македонија и токму поради тоа верувам дека многу брзо ќе се отстрани  секаков сомнеж околу нивното работење, стои во соопштението од компанијата.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство соопшти дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети што се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои била воспоставена надлежност на ова Јавно обвинителство, денеска е отворена истрага под кодно име „Империја” против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.