Со низа манифестации главниот град на Република Македонија, Скопје, денеска ја прославува 74-годишнината од ослободувањето од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна. Работите се, главно, познати, но и по толку време, сепак, има одредени сегменти, кои се уште се непознати за јавноста.
На пример, како е спречена „парадата“ на оточественобугарската војска, која би била втора, по онаа првата при „ослободувањето“ на Скопје во 1941 година од страна на бугарската наци-фашистичка армија. За ова, меѓу другото, говорел Борис Чушкаров или Боро Чушкар во неговите четиритомни сеќавања, што во разговор со него, некаде во 70-тите години на веќе минатиот век, ги собрале проф.д-р Ѓорѓи Чакарјаневски и проф. д-р Миле Михајлов. Сеќавањата се дел од Документационото одделение на Институтот за национална историја, „Велимир Брезовски“.
Боро Чушкар бил учесник на Првото заседание на АСНОМ, политички комесар на 16-тиот македонски корпус и основач и прв раководител на ОЗНА за Македонија.
А, во спомените овој дел е насловен како „Сеќавања на Боро Чушкар за ‘бугарското’ парадирање во Скопје“. „Парадата“, пак, за 15 ноември ја подготвувале раководителите на бугарската дивизија, генерал Стојчев и политичкиот комесар, извесен Виктор. На неа, вечерта на 14 ноември, и претходел разговор меѓу Боро Чушкар и Петар Брајовиќ-Ѓуро, во името на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, и двајцата бугарски офицери.
Притоа, станало збор за повеќе барања на бугарските војници-средства за греење, да можат да излегуваат од касарната и да шетаат низ градот и како последно, нивната војска утредента (15 ноември н.з.) организирано да излезе на главната улица на Скопје и да ги забавува граѓаните со нивната парадна смотра.
Петар Брајовиќ, меѓу другото, возвратил: „…Оние кои го ослободиле Скопје, направија скромна парада низ градот. А на вас ние тоа не ви го дозволуваме, бидејќи нема никаква причина за парада поради парада“.
Меѓутоа, бугарските офицери не се придржувале кон договорот. Рано утрото на 15 ноември во штабот на Корпусот (16-ти н.з.) пцуејќи и викајќи влетал Цветко Узуновски-Абас и ги подбрал Брајовиќ и Чушкар. „Ништо не сте вие…Ене погледнете кај железничката станица, цел полк или два, бугарски војници се приготвиле за парада…Како год знаете, веднаш това да го спречите милом или со сила…Никој овде во Македонија не може на своја рака да врши парадирање…“.
Следувала реакцијата и еве го интегрално сеќавањето на Чушкар, што го презентирал пред двајцата историчари:
„Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше – генерал мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон.
Отидов и го прашав: „Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви ја ебам мајката фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно бугарско, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!?
Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја „ослободувате Македонија”!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви ебам мајката! Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе им наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема!“, му реков нему, а кога завршив, видов дека сè уште го држам за градите како детска играчка.
Тој цело време трепереше како штиклица. На крајот, сепак, отсечно рече „Јасно другар. Но јас не сум виновен. Таква наредба добив“.
Тогаш јас повторно викнав „Да им ебам мајката на оние што ти дале наредба за ова. Наредби они можат да дадат за изведување вежби во касарните каде ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот. За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија. Дали сега ти е јасно?“, го прашав.
„Сичко ми е јасно“, рече тој. Тогаш тој престрашен генерал со сув глас нареди круг на лево, и се вратија“, стои во сеќавањето на Чушкар.
Ете така не успеала бугарската „втора парада„ за „второто ослободување“ на Скопје во текот на Втората светска војна.
Comments are closed for this post.