Не е домаќинско работење граѓаните сами да си ги плаќаат тестовите и заштитната опрема. Експертската јавност реагира на ставовите на Владата дека не сме добиле помош од солидарниот фонд на Европската Унија поради тоа што сме работеле домaќински и наместо 30 сме потрошиле само 7 милиони евра.

Од 560.000 тестови граѓаните биле принудени сами да си платат околу 250.000 за што потрошиле над 10 милиони евра, што е повеќе од вкупниот трошок на Владата. Експертите велат, Владата штеди, граѓаните ги покриваат трошоците. Апелираат тестовите да станат бесплатни.

Но трошоците за тестови се само почеток за оние кои ќе се заразат со Ковид. Лечењето во приватните клиники чини цело богатство, а и ако треба дома да се лечите сами, една просечна плата најчесто не е доволна.

А и да не се заразите, самата заштита чини пари. Една поквалитетна маска чини речи си едно евро, па ако ги менувате секој ден, според препораките, месечно само за маски на едно семејство му требаат над 100 евра. Уште поскапи се витамините и оние суплементи кои се користат за зголемување на имунитетот.

Европскта Унија на почетокот на неделава подели над половина милијарда евра како помош за земјите членки и кандидати, но Македонија не доби ниту еден денар. Како што објаснија од Европската Комисија ние сме потрошиле само 7 милиони евра, додека предвидениот оптимум бил над 4 пати повисок, односно изнесувал над 30 милиони евра.

За споредба, Владата во последните 3 години потрошила 8 милиони евра за подновување на автомобилите со кои се возат функционерите, околу 6 милиони евра за набавка на нови покер апарати за државна лотарија и над 3 милиони евра за нови компјутери за да може да се спроведе пописот.

извор: Сител