Струшките советници на денешната седница го донесоа Aкцискиот план за преземање активности со кои ќе се исполнат условите за зачувување на статусот на заштитено природно и културно наследство од УНЕСКО на регионот околу Охридското Езеро.

Во отсуство на градоначалникот Рамиз Мерко донесена е и времената мерка за мораториум на градба, донесување и спроведување урбанистички планови и легализација на бесправно изградени објекти.

Во Aкцискиот план е наведено дека до крајот на 2020 година ќе се дислоцира депонијата, односно до отворање на регионална депонија, како и рушење на дивоградбите од крајот на 2021 година.

Според советниците од СДСМ, Акцискиот план е реален и остварлив, додека за ВМРО – ДПМНЕ и Алијансата на Албанците е нереален и сметаат дека невозможно е да се реализира.
Покрај средбата на координаторите на советничките групи со инспекторите не добиле информација колкава е бројката на дивоградби на Струшкото крајбрежје.

Дивоградбите во Струга не се од сега, тие се направени во изминатите 10-15 години. Гласавме нешто што навистина ни правеше проблем изминатите години и е рак рана на општината што треба да се среди. Владата пред две години додели средства за санирање на депонијата со што таа се конзервираше и сега нема проблем со палењето. Процесот за дислокација е запрен бидејќи не се изгради регионалната депонија, истакна Ацо Ѓуроски, советник од СДСМ.

За Ален Деребан од ВМРО – ДПМНЕ конфузни се сите точки од Акцискиот план, но дале поддршка за да не испадне дека се против УНЕСКО.

Дадовме поддршка на морaториумот за градба да не испадне дека имаме против УНЕСКО. Но, сигурни сме дека Aкцискиот план нема да се реализира бидејќи во него јасно е наведено дека ќе се почне со рушење на дивоградбите на крај на 2021 година. Дислокацијата на депонијата е предвидена за крајот на 2020, односно до изградбата на регионална депонија. Конфузни се сите точки. Акцискиот план има само декларативна природа и нема да се спроведе. Овие проблеми ќе останат за решавање за друга влада и друг градоначалник, смета Деребан.