Прекршочните пријави на Антикорупциска комисија против претседателот Ѓорѓе Иванов  од неговиот Кабинет ги оквалификуваа како политичка одлука. Од таму целосно ги отфрлаат тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, претседателот постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата.

Разочарува фактот што, и покрај тоа што до Државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои Претседателот на Република Македонија ги донесе указите, истите не се земени предвид од страна на Комисијата, и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа.Претседателот на Република Македонија ги донесе указите во согласност со Уставот на Република Македонија и законите“, стои во реакцијата испратена од Кабинетот на Иванов.

Во реакцијата се наведува дека како врховен командант, претседателот нема обврска да бара одобренија за надлежности кои му се пропишани со закон.

„ДКСК во образложението се повикува на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Овој закон пропишува постапка за унапредувања до чин полковник, а не генерал, која е надлежност на Претседателот на Република Македонија во  согласност со Законот за одбрана. Дополнително, Законот за одбрана е системски закон, а Законот за служба во АРМ е општ закон.  Во согласност со начелото на уставност, предвидено со член 51 од Уставот на Република Македонија, јасно е каква е нормативната хиерархија во носењето на одлуките. Доколку воопшто има судир на норми меѓу двата закони, тогаш меродавни се одредбите од Законот за одбрана, а не од Законот за служба во Армијата.

Единствена одредба во Законот за Служба во АРМ, каде се споменува унапредувањето на офицерите со формациски чин генерал, е Членот 61 став 1, каде се предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, во конкретниот случај од генерал-мајор во генерал-потполковник, ако офицерот кој треба да биде унапреден поминал најмалку две години во чинот што го има. Претседателот на Република Македонија го донесе указот бр. 57 бидејќи овој критериум за генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше исполнет“, стои во реакцијата.

Во однос на системот на плати и надоместоци на плати, укажуваат дека во согласност со член 170 (1) од Законот за служба во АРМ, ова е надлежност на министерот за одбрана или од него овластено лице, а не на Претседателот на Република Македонија.

Дополнително, би сакале да ја запознаеме јавноста дека ваквата одлука на ДКСК е контрадикторна на претходната практика која самата комисија ја воспоставила. ДКСК во 2016 година дала одговор по слична проблематика, кој е сосема спротивен на сегашните ставови. Во т.61 од Мислењето издадено во 2016 година од страна на Државната Комисија за спречување на корупцијата јасно е посочено дека во период на избори не постои законска пречка да се доставуваат предлози за именувања и/или отповикувања на амбасадори до Претседателот на Република Македонија“, се наведува во реакцијата.