Зоран Заев и неговите „80 очајници“ не добија мандат на избори да го менуваат Уставот, да го бришат името Република Македонија и да го менуваат идентитетот, а не добија поддршка ниту на референдумот да ја бришат историјата, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ и Зоран Заев ги погазија  демократијата и правдата во  Република Македонија. Немајќи смелост да се соочи со волјата на граѓаните која беше јасно искажана на референдумот,  Заев посегна кон силување на институциите, државата и волјата на сопствениот народ. Со ваквото насилничко носење на закони спротивно одлуката на народот и присилното собирање на гласови во законодавниот дом под закани за политички прогон, СДСМ и Зоран Заев го изгубија легитимитетот да зборуваат за демократски и европски вредности. Тоа што и се случи на Македонија е срам и преседан кој нема допирни точки со демократијата. Таков пример се нема случено во ниту една земја од западниот демократски свет.

Јавноста конечно ја виде позадината на политичкиот прогон преку СЈО и обвинението за настаните од 27 април. Монтирани обвиненија против пратеници кои подоцна ги искористија како уцени за добивање на двотретинско со цел менување на уставното име на Република Македонија и спроведување на договорот од Преспа“, се истакнува во соопштението.

Опозициската партија предупредува дека „силувањето на демократијата во Македонија“ од страна на власта само повеќе ќе го поларизира општеството“.