Зоран Заев и неговите „80 очајници“ не добија мандат на избори да го менуваат Уставот, да го бришат името Република Македонија и да го менуваат идентитетот, а не добија поддршка ниту на референдумот да ја бришат историјата, се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ и Зоран Заев ги погазија демократијата и правдата во Република Македонија. Немајќи смелост да се соочи со волјата на граѓаните која беше јасно искажана на референдумот, Заев посегна кон силување на институциите, државата и волјата на сопствениот народ. Со ваквото насилничко носење на закони спротивно одлуката на народот и присилното собирање на гласови во законодавниот дом под закани за политички прогон, СДСМ и Зоран Заев го изгубија легитимитетот да зборуваат за демократски и европски вредности. Тоа што и се случи на Македонија е срам и преседан кој нема допирни точки со демократијата. Таков пример се нема случено во ниту една земја од западниот демократски свет.
Јавноста конечно ја виде позадината на политичкиот прогон преку СЈО и обвинението за настаните од 27 април. Монтирани обвиненија против пратеници кои подоцна ги искористија како уцени за добивање на двотретинско со цел менување на уставното име на Република Македонија и спроведување на договорот од Преспа“, се истакнува во соопштението.
Опозициската партија предупредува дека „силувањето на демократијата во Македонија“ од страна на власта само повеќе ќе го поларизира општеството“.
Comments are closed for this post.