Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, од саботата започнал штрајк со глад во истражниот затвор во Шутка.

Информацијата за Пресинг Тв ја потврди адвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов, кој денеска за тоа бил информиран од адвокатот Александар Новаковски, кој како нов член на тимот утринава бил во посета на клиентот во истражниот затвор. За ова истовремено била информирана и сопругата на Јанакиески.

Претпоставувам, одлуката на Јанакиески се должи на тоа што Судот не сака ни да гледа, ни да слуша, туку едноставно се изживува. Ова е третпат како на нашиот клиент му се одредува мерката притвор. Што значи, истовремено се во сила две мерки на претпазливост-мерката притвор и мерката куќен притвор. И тоа од истото обвинителство и од истиот суд. Мерката притвор му е одредена за новиот случај (Шпански скали н.з.), а мерката куќен притвор за настаните од 27 април. Едноставно, како е можно за дело за кое се запретува затворска казна од над 10 години да има поблага мерка на претпазливост, а за полесна-потешка мерка притвор. Иако и на обвинителството и на Судот им се добро познати сите околности и за настаните од 27 април оцениле дека нема опасност од бегство, влијание на сведоци или повторување на дејството, па одредиле мерка домашен притвор, кој е основот сега истото обвинителство и истиот суд да донесат друга, построга мерка на претпазливост-притвор, вели адвокатот Миланов.