Најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе побара интерпелација за вицепремиерот за евроинтеграции и ексминистер за надворешни работи, Никола Димитров, заради новото вето за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, веројатно врти нова страница во внатрепартиските односи во владејачкиот СДСМ.

Зашто, не за прв пат отворено се споменува разијдувањето меѓу партискиот врв и скопското крило, што кулминираше со барањето на експремиерот и претседател на Македонија и основач на СДСМ, Бранко Црвенковски, органите на партијата и членовите на Владата да се оградат од, како што рече, личните ставови на актуелниот лидер и премиер Зоран Заев изнесени во скандалозното интервју за БГНЕС поврзани со односите и уцените од Бугарија.

Од редовите на социјалдемократите во јавноста стигнуваа контрадикторни изјави за тоа дали личните ставови на Заев се и партиски и го минале филтерот на партиските органи и тела. Заев во интервјуто за Канал 77 имаше само обид пред јавноста да претстави дека за неговите ставови се дискутирало на Централен одбор, што пак во истото интервју го демантираше кумановскиот градоначалник.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, при синоќешното  гостување на телевизија Канал 5 во емисијата „Само вистина“ изнесе тврдење дека Димитров брифирал новинари оти тој го спречил премиерот Зоран Заев да потпише се што побарала Бугарија.

Сакам да го прашам Зоран Заев дали знае дека неговиот потпретседател оди низ Македонија и брифира новинари и креатори на јавното мислење дека тој, Никола Димитров, е причината што не потпишал Договор со Бугарија? Односно, Димитров тврди дека Заев бил подготвен да потпише договор со Бугарија, меѓутоа тој го спречил и тоа преку скопското крило на СДСМ – истакна Николоски.

Николоски само навидум постави прашање до премиерот. Зашто, токму, најблаго речено, нервозната реакција на вицепремиерот Димитров уште еднаш потврди дека каде што има дим, има и оган.

Ако внимателно се чита неговиот пост, станува јасно дека тој не го демантира својот политички опонент, туку се обидува да се претстави како жртва и цел на напади од „разни центри што директно се борат против македонските интереси“. А, прозивката на премиерот Заев како „очаен обид за создавање внатрешен раскол во Владата“.

Димитров прави ментална и вербална гимнастика, но не кажува директно дали брифирал или не брифирал новинари за тоа дека тој бил вистинската пречка Заев да не потпише се, што барала официјална Софија, нормално на штета на Македонија.

-Те поздрави татко ми!

Ова беше мислата, што бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов неодамна ја обелодени за неговите средби со Никола Димитров. На нив, младиот Димитров ги пренесувал поздравите на таткото Димитров, за кого, пак, Каракачанов вели дека е „добар Бугарина“.

Но, главната забелешка на Каракачанов беше дека вицепремиерот Димитров едно зборува за време на нивните разговори, а сосема друго во Македонија и низ Европа.

И сега Никола Димитров во улога на новокомпониран патриот одеднаш се брани со некакви конспиративни теории на заговор од неименувани центри на моќ, кои наводно работеле против интересите на Македонија.

Ова од една страна, а од друга, без директен демант за (не)постоечките брифинзи на новинари, Димитров отворено „се пакува“ на страната на Бранко Црвенковски. Што ќе рече дека се ставил на располагање и игра за скопското крило на СДСМ, со што, практично, ја ниша и партиската и премиерската фотелја на Заев.

Ако времето ги потврди наводите на Николоски, тоа нема никого да изненади. Зашто, Димитров се до последните парламентарни избори се претставуваше како дипломат од кариера, без да прифати било каква врска со ВМРО-ДПМНЕ. Иако, преку т.н. Амстердамска тројка се стави во редот на реформаторите. Дури откако се најде на листата на СДСМ, тој самиот призна дека конечно станал политичар. Но, тоа лавирање го стави во ситуација да биде политички и идеолошки хермафродит.