Најголемите политички партии од власта и опозицијата на неодамнешната лидерска средба се договорија да се одржат предвремени парламентарни избори во април в година, но останува отворено прашањето дали тие ќе се одржат по постојниот изборен модел или ќе се менува Изборниот законик. Државната изборна комисија вели дека е подготвена да спроведе избори по кој било модел за кој ќе се договорат партиите. Граѓанските организации, пак, сметаат дека е потребна промена на моделот, но оти времето е кусо тоа да се направи пред овие избори.

Помалите политички партии и овој пат пред избори, како и повеќепати досега, го отворија прашањето за промена на изборниот модел со една изборна единица кој, како што сметаат, би овозможил еднакви шанси на изборите и за нив, а не само за поголемите партии.

Четирите најголеми политички субјекти во земјава имаат различни ставови во однос на изборниот модел. Владејачката СДСМ бара воведување една изборна единица со отворени листи, според ВМРО-ДПМНЕ граѓаните најдобро ќе бидат претставени со мнозински изборен модел, за ДУИ најдобар е системот со шест изборни единици, додека Алијанса за Албанците е за осум изборни единици.

Со оглед на различните ставови на политичките партии, очекувањата од евентуалните разговори за новите изборни правила не се многу големи. Поголема е веројатноста промените да се сведат исклучиво на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од последните изборни циклуси во земјава.

Голема е веројатноста амбициозно најавуваните промени на изборниот модел и за овие избори да останат само најава, со оглед на различните позиции на најголемите партии по ова прашање.