Како Претседател на Република Македонија уште пред две години укажав дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија, истакна денес претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето до јавноста.

„И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета. Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот Кабинет и да ме става мене како Претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на калисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај.

Од друга страна, сакам да потенцирам и дека во изминатиов период сме сведоци на неказнивост по планирано истекување на класифицирани документи од УБК, за што ги повикувам надлежните институции да дејствуваат и санкционираат ваквите појави, кои ја загрозуваат националната безбедност’, нагласи Иванов.