Новогодишното обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ви го пренесуваме во целост:
Почитувани сограѓани,
Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина.
Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа.
Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме.
Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година.
Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби.
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Овие празнични мигови ви посакувам да ги поминете достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат.
Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина.
Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани.
Од сè срце ви посакувам Среќна Нова 2019-та Година!
Comments are closed for this post.