Поранешниот шеф на грчата дипломатија,Никос Коѕијас во интервју за МИА открива како ечеле преговорите, од септември минатата година, преку Давос и Сунио, па се до Преспа, кога тој и неговиот македонски колега Никола Димитров го потпишаа договорот. Вели дека со министерот за надворешни работи на Македонија, веројатно ќе се сретнат повторно на конференција во март во Атина.

Во преговорите имавме две тешкотии. Првата беше пред владата на Заев и на Димитров. Тоа беше периодот кога Попоски сакаше да разговара, секако во негови рамки, но Груевски не сакаше. Тоа беше период во кој бев отворен, разговарав, како што правам и сега и со албанската страна во ПЈРМ и со опозицијата што тогаш беше Заев и морам да ви кажам дека тоа, бесмислено, ѝ пречеше на тогашната американска администрација, и сакаа да ме убедат да не разговарам со сите во вашата земја, туку само со министерот за надворешни работи и ги тргнав на страна. Мислам дека ова им пречеше тогаш, но ова не ме интересира. Јас сум длабоко убеден дека едни преговори треба да се водат директно меѓу две држави и колку повеќе страни се плеткаат, толку потешко станува, другите што се мешаат имаат други критериуми, други размислувања, други цели. Според тоа, една тешкотија беше да ги оставиме на страна другите за да не се мешаат.

Втора тешкотија беше, мислам на почетокот, кога другата страна, Северна Македонија, не беше сигурна дека она што го кажувам го мислам, односно дали навистина сакам да стигнам до крај, да направам компромис, бидејќи постоеше чувство дека ако започне со компромиси и јас ги оставам на цедило, ќе се најде во тешка позиција. Логично е ова, но тоа немаше врска со моите намери.

Иако повеќе не е министер, сепак, уште е оптимист дека во грчкиот Парламент постои парламентарно мнозинство за ратификација на Договорот од Преспа.

За парламентарното мнозинство? Да, да. Не постои никаков сомнеж. Ова мнозинство е создадено, би рекол дека е пронајдено уште од 2017. Тоа се луѓе кои освен нивното позициско расположенија што го имаат кон владината политика, за конкретното прашање сакаат и тие да се заврши, да се затвори и сметаат дека договорот е добар компромис и според другиот, неопходен компромис, вели Коѕијас.

Вели дека нема да умре пред уште еднаш да ја посети нашата земја и да биде „насмеан минувач низ улиците на Скопје“. Притоа открива дека Скопје го преферира со снег, а доколку беше помлад и ако имаше пари ќе купел плац во Преспа.

Мислам дека нема да умрам, без повторно да отидам во вашата земја. Освен тоа, имам право на тоа. Мислам дека е убава вашата земја. Морам да ви кажам дека Скопје ми се допадна повеќе со снег. Имаше многу снег. Но, беше убав, а не валкан снег. Мислам дека кога ќе поминат 2-3 години и кога сите ќе видат дека животот само кон позитивно се менува со овој договор и дека ниту ние го земаме Скопје од вас, ниту вие Солун од нас и сите тие глупости што се зборуваат, тогаш мислам дека ќе бидам еден насмеан минувач низ улиците на Скопје. Ако бев помлад и имав пари, ќе купев еден голем плац во Преспа за да изградам куќа таму.

На прашањето која е пораката што би сакал Коѕијас да ја испратите до соседниот народ, тој одговара:

Мислам дека иднината му припаѓа на нашето пријателство. Мислам дека само со заеднички развој на нашите држави, ќе се стабилизира целиот регион и ќе просперираат соништата на луѓето.