Духовно стерилизирани генерации, чипирани според нечија желба и скриени намери, според мене претставува најголемо злосторство кое може да им се направи на младите и на идните генерации македонски граѓани и тоа во никој случај не смее да се дозволи!

Ова во интервју за Пресинг ТВ го вели проф-д-р Иванка Василевска, пратеничка од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во врска со најавените реформи во образованието. Со неа разговаравме за дигитализацијата, за учебиците, преговорите со Бугарија, но и за начинот на работа во Собранието.

*Заврши уште една учебна година. Притоа, остана забележана Вашата оценка дека министерката Мила Царовска е најголема неприродна катастрофа, која му се има случено на образованието, а грешките кои ги направи се долгорочни и далекусежни. На што ја темелите Вашата, би рекол, вака остра квалификација?

-Оценката за катастрофално лошите политики во образованието е сеопшта и сеприсутна констатација. Особено со доаѓањето а раководната позиција, министерка за образование и наука, Мила Царовска, потфрли во најосновните задачи за кои секој еден миистер, кој ја прифатил задачата да управува со Министерството, треба да има сериозе план и стратегија. Во услови кога пандемијата предизвикана од Ковид-19 ги промени условите и придонесе да се оневозможи нормалното функционирање на учениците, студентите и на наставникот кадар, беше потребен сосема поинаков пристап во решавањето на новонастанатата ситуација. Наместо тоа, се уверивме сите дека Царовска пристапи мошне неодговорно и крајно несериозно и истото резултираше со комплетен крах во образованието, на крајот на учебната година.

*Факт е дека дигитализацијата во образованието е неминовен процес. На што, според Вас, повеќе се должат постојаните реакции во јавноста-на лошото објаснување, на скриени задни намери или на нешто сосема трето?

-Дигитализацијата е глобален процес и истата неминовно треба да се интегрира во наставниот метод на образованието. Но, овде не станува збор за тоа, туку за нешто сосема друго. Имено, решението на Царовска не е дигитализација, туку воведување на дигитални учебници. Што значи тоа? Тоа значи дека Министерството за образование и наука планира воведување на дигитални учебници со кои ќе ги заменат досегашните кои биле и треба да останат во хартиена форма. Отфрлањето на хартиените учебници отвара многу прашања. Еве, ќе ви посочам едно од најспецифичните. Со воведувањето на дигитални учебници се врши директна дискриминација на учениците, кои спаѓаат во групата на ранливи категории. Со тоа се прекинува рамноправноста меѓу учениците и истите се ставаат во дискриминаторска позиција со која дополнително ќе бидат уназадени во процесот на своето образование и во нивното право на бесплатно и задолжително основно и средно образование. Понатаму, од нашите темелни анализи утврдивме дека овој предлог на Царовска воопшто не е европски, како што министерката сакаше да прикаже во јавноста. Врз основа на нашите истражувања, во еден компаративен приказ а 27 држави, поголемиот дел членки на Европската Унија, во 26 од нив воопшто не постои законска уредба за задолжителна употреба на дигитални учебници, туку се остава на училиштата и на наставниот кадар индивидуално да процени и да одбере кој формат на учебник ќе го користи во образовниот процес. На пример, во Италија, употребата на дигиталните учебници е задолжителна, но тоа не го исклучува користењето на печатените учебници. Понатаму, во Хрватска, Полска, Финска, Естонија, Албанија, Велика Британија, Унгарија, Турција и Грција се воспоставени национални дигитални платформи кои имаат за цел да го олеснат пристапот до дигиталните учебници и другите образовни и наставни материјали. Во Словенија, Хрватска, Естонија, Унгарија, Словачка, Полска, Бугарија и Австрија креирани се посебни веб страници за директен пристап кон дигиталните учебници. Сите дигитални учебници се прилагодени и за учениците со посебни потреби, за кои е креиран посебен визуелен, аудио и интерактивен пристап за полесно совладување на наставните програми. Ако земеме во предвид дека Европската Унија има работни документи и препораки, кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата, како што се „Обликување на дигиталната иднина на Европа“, „Дигиталниот образовен акциски план 2021-2027“, „Европската област за образование до 2025„ и „Коминикето за достигнување на европската област за образование до 2025 и трансформирање на образованието и обуката за дигиталното време“, евидентно е дека во рамките на Унијата важи принципот на субсидијарност и државите членки го уредуваат ова прашање со сопствени правила. Затоа доаѓаме до клучниот проблем, имено, во услови кога нашиот источен сосед, Република Бугарија, отворено инсистира на промена на наставниот план и содржината на предметот историја, што претставува грубо мешање во внатрешните работи на Република Македонија и ги загрозува темелните вредности пропишани во Уставот, станува во најмала рака сомнително кои се, всушност, вистинските намери на оваа така наречена дигитализација на министерката Царовска?!

*Како професор, но пред се како педагог, па ако сакате и како родител, можно ли е воопшто само дигитално образование, без печатени учебици?

-Сметам дека печатените книги не можат да бидат заменети и засекогаш фрлени за сметка на дигиталните. Образованието треба да ги следи современите текови и методите треба да се прилагодат со цел, да им овозможат на идните генерации полесен и поефикасен сеопфатен воспито-едукативен образовен концепт со кој ќе можат да се етаблираат и да станат конкурентни на пазарот на трудот. Духовно стерилизирани генерации, чипирани според нечија желба и скриени намери, според мене претставува најголемо злосторство кое може да им се направи на младите и на идните генерации македонски граѓани и тоа во никој случај не смее да се дозволи!

*Најголемиот сомнеж во целиот процес започна со намерата предметот историја целосно да се тргне и за мир во куќа, таа сепак остана само како наслов, но не и како самостоен предмет. Што во пракса ќе значи тоа?

-Концептот за спојување на предмети не е во правец на реформа која треба да го подобри квалитетот на образованието, туку задкулисно со истата се открија сериозни политички мотиви. Како што реков и претходно, тие се поврзани со моменталната внатрешна, но и надворешно-политичка состојба со која се соочува Република Македонија. Од сосоедна Бугарија добивме јасни пораки дека мора да се променат наставните содржини, нешто што ќе се согласите со мене, претставува надворешно-политичка интервенција на штета на македонската национална историја, македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Во време на 21 век, ние сме вратени сто и нешто години назад и наместо да работиме на предизвиците, кои ги носи новото време, ние сме ставени во ситуација да решаваме великодржавни фрустрации од ерата на империјализмот. Што ни говори тоа? Тоа говори дека ако дозволиме такво државно и политичко понижување, ние ќе прифатиме дека сме вештачка нација, што значи дека денес на Балканот се води нова Балканска студена војна, со софистицирани и крајно нетранспарентни политички орудија. Тоа е срамно и недозволиво!

*На Правниот факултет „Јустинијан Први“ предавате Историја на право. Како овие промени ќе се одразат на Вашиот предмет? Ќе имаат ли студентите соодветен учебник со соодветна содржина?

-Катедрата за државно-правна историја на Правниот факултет „Јустинијан Први“ е една од најстарите катедри на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Истата е формирана и на неа предавале и предаваат плејада на исклучителни интелектуални бардови, кои оставиле значајна трага во државно-правната историја на Македонија, а истото трае и се надоградува до ден денешен. Нашите учебници се современи и истите се работени и пишувани со огромно внимание и без политичка заднина. Доколку продолжи политиката да се меша онаму каде не и е местото, мене не би ме изненадило да доживееме Македонска кристална ноќ, каде по желби и нарачки ќе ни ги запалат научните текстови, кои се работени последните 70 години.

*Власта тврди дека во преговорите со Бугарија идентитетот и јазикот не се на маса?

-Власта и претходно тврдеше многу работи, па сите се уверивме како тоа излезе на дело. Идентитетот и македонскиот јазик се приоритетни прашања на масата на која оваа хибридна власт се пазари, за свои, а не за државни интереси. Видете, ако е поинаку, тогаш власта заедно со опозицијата до сега ќе изградеше заедничка стратегија и црвени линии, но секако тоа нема никогаш да го сторат, зашто не се искрени во она кое ни го зборуваат. Еве што говорат фактите. На 16 јуни, на Собраниската комисија за надворешна политика, на која присуствуваше министерот за надворешни работи Бујар Османи, опозицијата предложи да донесеме заедно со владејачкото мнозинство Предлог заклучоци, кои ќе ги изгласаме во македонското Собрание. Истите произлегоа како резултат на разгледување на прашањето за почеток на пристапните преговори со Европската Унија за време на португалското претседателство, а во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија потпишан на 1 август 2017 година. Ние им предложивме: прво, Собранието да донесе Резолуција со која ќе ја отфрли Декларацијата усвоена на 10 октомври 2019 година од страна на парламентот на Бугарија како спротивна на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија потпишан на 1 август 2017 година и како противречна со Европската конвенција за заштита на човековите права, која е ратификувана од двете држави; второ, Собранието во Резолуцијата да утврди став за итно и безусловно отпочнување на преговорите со Европската Унија со преговарачка рамка, која нема да биде оптоварена со наметнати билатерални прашања и трето, Собранието во Резолуцијата да утврди општ став во кој прашањето за образованието, историографијата и културата да се дефинираат како суверени права на секоја држава, а соодветно на тоа надвор е од сите меѓународни норми да се преговара за посебноста и генезата на македонскиот јазик, етогенезата на македонскиот народ и историскиот континуитет на нацијата. Одговорот на министерот Османи и на претставниците на владејачкото мнозиство беше дипломатски т.е. тие избегнаа да ги изгласаме истите за да имаат простор да ги разгледаат и потоа ја напуштија собраниската комисија и ја оставија опозицијата сама со министерот да ги размени своите ставови, предлози и размислувања. Тоа е најточниот приказ за искрените намери на власта и за ивните тврдења дека не преговараат за идентитетот и за македонскиот јазик.

*Според Вас, каде Македонија и Бугарија ја згрешија работата?

-Македонија и Бугарија немаат рамноправен статус. Република Бугарија е полноправна членка на Европската Унија, а Република Македонија долго време го чека датумот за почеток на преговори за пристапување кон Унијата. Не сакам воопшто да ја дискутирам империјалистичката декадентна доктрина на водењето на надворешната политика на нашиот источен сосед, но мжам да ви потврдам дека македонската страна требаше да има поголем сенс и поголема одговорност, секако и подолгорочна стратегија во поглед на заштитата на македонските национални и државни интереси. Од тие причини, резултатот на оваа декаденција ја гледаме во моменталната хаотична ситуација кај нашиот источен сосед, како и во неминовноста од заминување час поскоро на оваа владејачка гарнитура, која комплетно крахираше на сите значајни полиња со водењето на погрешни политики, со што придонесе да се уназади македонското општество и целосно да се уништи економскиот, здравствениот, образовниот и политичкиот систем. Оваа агонија мора под итно да запре, доколку сакаме да го зацелиме разореното национално и општествено ткиво и да го сопреме налетот на соседите да си ги поткусуруваат историските порази, на сметка на македонскиот народ, преку распарчувањето на македонската национална држава.

*На Собраниската комисија за образование, наука и спорт се случуваат преседани и деловнички прекршувања, Вие говоревте и пред јавноста за грубото замолкнување на опозицијата од страна на претседателката на комисијата, Жаклина Лазаревска. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

-На 5 февруари годинава, на иницијатива на опозицијата беше организирана јавна расправа во Собранието на која се дискутираше Предлог-концептот на МОН за реформа во основното образование. На расправата учествуваа плејада на врвни професори и стручњаци од обласите кои се опфатени со концептот. Иако и тие, заедно со нас и со целокупната македонска јавност ја преживеаја голготата на двочасовната неплатена политичка пропаганда на власта, сепак до доцна во ноќта останаа во Собранието и ги елаборираа своите видувања и ги посочија своите забелешки во поглед на концептот. Расправата заврши и потоа настапи молк , кој беше навидум покриен со еден паушален памфлет потпишан од пратениците од владејачкото мнозинство, но кој не доби никакво внимание, бидејќи е релативизаторски и воопшто не ги одразува препораките кои ги даде академската јавност за време на расправата. Од тие причини, нашето легитимно барање е прво да се усвојат заклучоците од јавната расправа, а потоа власта да си ги носи на дневен ред законите во сферата на образованието, кои произлегуваат од овој промашен обид за воведување на реформи во образоваието. Бидејќи Деловникот за работа на Собранието ни дава процедурална можност да се бориме со нашето најсилно орудие, нашите аргументирани ставови, ние тоа право го ставивме во функција со цел да повикаме на совест и на свест кај власта дека насилно и на ваков начин не е дозволиво да се изврши масакр во оваа значајна општествена сфера. И знаете како, бидејќи вистината и пречи на лагата, лагата насилно и грубо се обидува да ја девалвира и да ја отстрани, како што го сторија тоа на Комисијата за образование, наука и спорт каде во четвртокот на 17 јуни ни го пресекоа правото за процедурална реплика. Од тие причии, со насилно прекинување на правото на пратениците за процедуралните забелешки и со грубото прекршување и злоупотребата на Деловникот, владејачкото мнозинство употреби Деловничко насилие и со тоа ги загрози темелните човекови права и слободи загарантирани со Уставот. Што се обидоа да прекинат да се дознае? Реформите кои тие сакаат да ги прикажат како револуционерни и атрактивни се всушност гол популизам зад кој се кријат намерите за злоупотреба на 21,5 милиони евра заем од Светска банка, пари кои ќе ги плаќаме сите, вклучително и идните генерации, кои всушност ќе ја плаќаат сопствената национална и државна смрт. Тука е нивниот страв и од тие причини нивните агресивни методи се тголку дрски, бидејќи во спротивно се свесни дека зад овие законски решенија кои сакаат да ги истуркаат и со оваа и вака конципирана реформа во образованието, тие се директни учесници во криминал со перење пари преку невладиниот сектор и во надворешни нарачки за сметка на националните и државните интереси на македонските граѓани.