Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) спроведе кратко телефонско истражување во периодот помеѓу 25 и 27 октомври 2023 на 1055 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија.

Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии и политичари, како и за одредени актуелни прашања.
Заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, беше креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата. Истражувањето беше реализирано со користење на случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности.
Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС.

Според резултатите, ВМРО-ДПМНЕ е со голема предност пред СДСМ, а Христијан Мицкоски е со тројно повисок рејтинг од Димитар Ковачевски.

На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има Парламентарни избори?“, за ВМРО-ДПМНЕ гласот би го дале 20,3% од граѓаните, додека за СДСМ само 11,3%.

Меѓу политичарите, Христијан Мицкоски ужива најголема доверба кај граѓаните, има тројно повисок рејтинг од Димитар Ковачевски.

Во него имаат доверба 16,5% од испитаните лица, а во Димитар Ковачевски само 5,6%.