Во организација на Европското движење во Србија се одржа интернет-конференција на Регионалниот форум за млади лидери посветен на регионалната економска соработка во услови на пандемија, на која учестваа лидерите на Македонија, Србија и Албанија, Заев, Вучиќ и Рама, додека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, во последен момент го откажал учеството.
Премиерот Заев рече дека повеќе од било кога пандемијата со коронавирусот покажала дека регионот е врзан систем – инфраструктурата, економијата, еколошките системи, па дури и политичките системи. Кризи како оваа, посочил, се лакмус тест за состојбите во едно општество, што е силно, а што е слабо во него.
-Во услови на криза нашите држави работат и сме во постојана комуникација помеѓу себе. Координираните одговори на најголемите предизвици кои се исправија пред нас донесоа и придобивки. Ја зајакнавме соработката, покажавме висок степен на солидарност и капацитет на носење одлуки за граѓаните на нашите земји. Младите мора да бидат дел од овие процеси.Потребна е нивната креативност, енергија и капацитет да ги согледуваат пречките како можности, затоа што во нив ги полагаме сите надежи дека ќе успеат да ги финишираат сите интеграциски процеси кои сме ги отпочнале пред неколку декади, рече Заев и нагласи дека образованието и зголемувањето на компетенциите на младите се клучни за понатамошен напредок.
Претседателот на Србија, Вучиќ, како што јави Танјуг, оцени дека е очигледно дека сите земји од регионот се и премногу мали и дека затоа само преку соработка тие можат да постигнат позначителни резултати во стопанството и во изградбата на иднината.
-Не можеме да очекуваме другите да работат за нас во Западен Балкан и само од нив да очекуваме помош. Мораме да седнеме и заедно да работиме на остварување на нашите заеднички интереси. Ниту Евопјаните ниту Американците не можат да ни помогнат онолку колку што можеме самите да направиме доколку соработуваме, изјави Вучиќ.
Според албанскиот премиер Рама, владите на земјите од регионот треба да понудат заеднички фондови за соработка меѓу младите во разни области. Тој додаде дека е добро што ваквите конференции се одржуваат онлајн, бидејќи е многу сериозна ситуацијата со ковид-19.
-За првпат во нашите животи ги гледаме и слабостите на целиот демократски свет, оцени албанскиот премиер.
Годинава Македонија заедно со Бугарија ко-претседава со Берлинскиот процес, чиј самит следува следната недела.
-Градиме соработка преку која ги разговараме, унапредуваме и конечно се обединуваме околу позициите каде што имаме заеднички интерес како регион во рамките на Берлинскиот процес, беше заедничката порака до младите од страна на Вучиќ, Рама и Заев, се вели во соопштението од прес-службата на македонската влада.
Comments are closed for this post.