Собранието денеска ја почнува постапката за уставни измени.Откако во петокот иницијативата помина во матичната комисија битката се префрла на пленарна седница.Пратениците денеска треба да ја започнат дебатата дали има потреба од уставни измени кои ги предложи Владата согласно Договорот од Преспа.

Уставните измени се однесуваат на промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија, заштита на Македонците во дијаспората, поцврсти гаранции за границите, како  и измена на Преамбулата во делот кој се однесува за АСНОМ.

Расправата може да трае најмногу десет дена, но може да заврши и порано ако се исцрпат говорниците. По завршувањето на дебатата предлогот се става на гласање и за да помине потребно е позитивно да се изјаснат дветретини од 120 пратеници.

Но, она што е нејасно е што доколку предлогот не помине и дали ќе има уште еден обид бидејќи премиерот Заев на комисиската расправа призна дека ги немаат потребните 80 пратеници.

Во тој случај станува реална опцијата за организирање предвремени избори во следните 60 дена , особено откако ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека не инсистира т.н Пржинска или Техничка влада да трае 100 дена како што предвидува Законот за влада.