На што се должат се почестите отворени провокации и обвинувања меѓу Јавното обвинителство и Скопскиот кривичен суд и дали се тие резултат на персонални нетрпенија или се издигнати на институционално ниво?
Овие прашања и дилеми се поставуваат во јавноста, зашто инсталирањето на СЈО, а посебно случајот „Рекет“ неизбежно ги стави во центарот на вниманието.
Последниот нивни меѓусебен „судир“ дојде како резултат на објавувањето на содржината од записникот за пријавување на случајот „Рекет“ во Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција од страна на бизнисменот Орце Камчев. И воопшто да не е важно „кој прв почнал“, медиумите вчера забележаа нивни нови меѓусебни „отровни стрели“.
Па, така беше пренесено дека исказот на Камчев не бил излезен од Основното обвинителство за организиран криминал и корупција, туку од надлежниот суд каде се одлучувало за притворот на Боки 13, Зоки Кичеец и Катица Јанева. Според, нормално, неименувани извори, обвинителката Вилма Рускоска поседувала оригинални документи, а не копии, додека, пак, примероци од овој документ може да има само во судот.
Од друга страна, медиумите исто така пренесоа, повторно од неименувани, овојпат судии, дека исказот на бизнисменот Камчев запишан на хартија, што го дал во предистражна постапка во Обвинителството за организиран криминал која е заштитена со закон како тајна постапка, најверојатно го сликал со мобилен телефон некој од тимот на обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“. Според истите неименувани извори, при барањето притвор во претходна постапка за тројцата засега осомничени Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец и Катица Јанева, таков исказ од предистрагата воопшто не дошол во Судот.
Независно што ќе покаже истрагата околу тоа како протекол записникот, уште при официјалното обелоденување на случајот „Рекет“, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски коментираше пресуди на судот.
Прашањето за ветинг го поддржувам. Вкупното правосусдство, и обвинители и судии да бидат подложени на некој проверка. Видовте што стана со последната одлука во делот на противправно градење. Видовте како судијата ја толкува таа одредба и мислам дека на таквите судии не им е место во правосудството и веројатно Судскиот совет во соодветна постапка треба да го испита тој дел. Таму, јас после објавување на пресудата барав и судска праска, а судската пракса во однос на овие дела е сосема јасна. Не се бара ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил или не. Доволно е лицето да почне да гради без одобрение за градба, изјави тогаш Јовески, одговарајќи на новинарско прашање за најавениот ветинг во правосудството.
Уште утредента возвратија со соопштение од Кривичниот суд Скопје. „Наместо редовно и неосновано да го напаѓаат судот и судиите по секоја судска одлука од која не се задоволни, Обвинителството да си погледне во сопствениот „двор“, порачаа тогаш од Кривичниот суд.
Судот и судиите работат согласно Законските одредби, го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата, Уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката, дотолку повеќе што секоја првостепена одлука на Кривичниот суд се преиспитува од повисоките судски инстанци, по изјавена жалба од незадоволната страна. Како суд бараме во иднина обвинителството да се однесува со повеќе почит кон судиите и судиската функција, нивните коментари и изјави да се во рамки единствено на нивните надлежности, а не на паушални обвинувања, стоеше во соопштението.
Comments are closed for this post.