Премиерот Зоран Заев при денешниот престој во Јегуновце изјави дека постои техничка можност граѓаните со истечени лични карти да можат да гласаат на локалните избори на 17 октомври, но според него поголем проблем претставува приватниот сектор, односно деловните банки, каде што граѓаните во ваква ситуација имаат проблем да ги повлечат парите.

-За жал, законот е блокиран од Левица со амандмани иако БЕСА беше доволно флексибилна да го поднесе амандманот со одложено дејствие од 2023 за етничката определба на граѓаните во личните карти, очекувајќи Европа да се изјасни по ова прашање, изјави Заев.

Со оваа блокада, според Заев, патат и плачат граѓаните, преку 40.000 лични карти не се издадени, а се поднесени барања. Првата можност е со работа на парламентот од 1 септември да се изнајде решение, а втора работа е Министерството за правда со правилници и одлуки да даде можност и со истечена лична карта и без пасош да може да се гласа.

Имало таква можност да се гласа и со истечени лични карти претходно, но проблемот е што граѓаните во банките не можат да земат пензија или социјална помош. Тука се бара решение, а Владата веќе разговарала за ова.

-Како што рече Оливер Спасовски, ние постоиме за граѓаните независно дали сме пратеници, министри или раководители на институции. Ако носиме одлуки да ги блокираме потребите на граѓаните, не им служиме добро, туку служиме против нивните интереси, тоа во моментот го прави Левица. Разбирам радикално и неодговорно однесување, но да нанесувате непоправливи штети на својот народ не можам да разберам, рече Заев.